„Врховниот суд на Африм Фидани нанесува срам на правдата во Македонија. Сега е јасно дека инсталациите на СДС и ДУИ во правосудниот систем сè уште се активни. Затоа талогот останува најдолу“, се вели во реакцијата на владејачката партија
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагира на одлуките на Врховниот суд во врска со пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци и пуштањето на слобода на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Оттаму обвинуваат дека одлуките на највисокиот суд во државата се последица на инсталациите на СДСМ и ДУИ во правосудниот систем, кои според владејачката партија, сè уште се активни.
Последниот развој на настаните во врска со овие два предмети од ВМРО-ДПМНЕ го доведуваат во корелација со неодамнешната одлука на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да го затвори предметот за јавните набавки за градењето 19 модуларни болници во државата за време на конвид-пандемијата.
„Врховниот суд ја укина пресудата за несреќата кај Ласкарци, каде што загинаа 16 лица. 16 лица загинаа, а нема одговорни. Исто како што во правосудниот систем нема одговорност и за запалената модуларна болница на Венко Филипче, каде што живи гореа луѓе. Во која друга држава и при кое друго судство може да загинат над 30 луѓе, а да нема виновни? Во исто време, на слобода е пуштен и Стевчо Јакимовски, кој беше правосилно осуден за криминал“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, како што додаваат оттаму, е сè што граѓаните треба да знаат за судството водено од ДУИ и СДСМ, кое, како што велат, има доверба од два отсто.
Од ВМРО-ДПМНЕ го споменуваат и името на претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, наведувајќи дека судот со кој раководи ѝ нанесува срам на правдата во Македонија.
„Врховниот суд на Африм Фидани нанесува срам на правдата во Македонија. Сега е јасно дека инсталациите на СДС и ДУИ во правосудниот систем сè уште се активни. Затоа талогот останува најдолу“,
велат од владејачката партија.
Вчера од Врховниот суд соопштија дека Советот за казниви дела ја укинал пресудата на Апелацискиот суд Скопје за автобуската несреќа кај селото Ласкарци со која на дел од осудените им беа зголемени казните што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Предметот е вратен на повторно постапување и одлучување. Во врска со одлуката денеска се огласија од Основниот кривичен суд Скопје, од каде што посочија дека Врховен ја укинал пресудата на скопска апелација и дека сега од второстепениот суд зависи што ќе се случува со предметот и со осудените лица.
Апелацискиот суд Скопје во април 2025 година на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци им ги зголеми затворските казни, кои Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Со пресудата на Апелација, сопственикот на фирмата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, наместо претходно изречените четири години затвор, доби двојно повеќе, односно 10 години, а идентична казна му беше одредена и на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, кој претходно беше осуден на шест години затвори. Двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, наместо првостепените пет, беа осудени на по седум години затвор, додека казните на третиот вработен во станицата за технички преглед Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, останаа исти – пет, односно 14 години казна затвор.
Првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор беше објавена во јануари 2024 година.

Што се однесува до одлуката на Врховен за ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо, оттаму исто така вчера соопштија дека се укинати пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелацискиот суд Скопје, откако Советот за казниви дела при Судот го уважил барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, кое било поднесено преку неговиот бранител, адвокатот Виктор Светковски од Куманово.
Со донесената пресуда Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 23 април 2025 година, како и пресудата на Апелацискиот суд Скопје од 15 мај 2026 година.
Со тоа, предметот повторно се враќа пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.
Кривичен во април минатата година го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект Судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години.
Тогаш Јакимовски рече дека пресудата е донесена без докази и дека е политички мотивирана.
Апелацискиот суд во мај годинава ја потврди едногодишната затворска казна за предметот со изградбата на општинската зграда во Карпош, но истовремено ја уважи жалбата на Јакимовски во делот што се однесува на обвинението за злоупотреба на службена положба и овластување и поради тоа предметот во тој сегмент го врати на повторно судење.
По правосилноста на пресудата во делот за бесправно градење, Јакимовски доби упатен акт да се јави на издржување на казната во затворот „Скопје“. Иако ексградоначалникот бараше одложување на издржувањето на казната поради здравствени причини, тој на средината на јули доброволно замина во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари откако неговата жалба беше одбиена.
Сега, по одлуката на Врховниот суд, се очекува тој да биде пуштен на слобода.
