За време на викендот земјава ќе биде под влијание на циклонска активност, поради што ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат поројни и пообилни
Денеска времето во земјава ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, прогнозираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ветерот ќе биде слаб до умерен и ќе дува од јужен правец.

Утринската температура ќе се движи од 13 до 18 Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне до 35 степени.
Во Скопје, според синоптичарите, се очекува слично време, сончево и топло со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Како што прогнозираат од УХМР, во делови од котлината во текот на денот се очекува да има услови за развој на нестабилна облачност проследена со краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи.
За време на викдендот земјава ќе биде под влијание на циклонска активност, поради што ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално, врнежите ќе бидат поројни и пообилни, проследени со грмежи и засилен северен ветер кој наместа ќе дува со брзина од над 40 километри на час.
Ваквата временска состојба за време на викендот ќе доведе до пад на дневните температури, а потоа до средината на следната недела се очекува да преовладува стабилно и посвежо време.
