Дополнителен проблем, како што велат неколку занаетчии со кои разговараше „360 степени“, е што нема да можат да ги извадат приходите од сметката на дуќанот затоа што немаат никаква основа за тоа
Од Занаетчиската комора Скопје велат дека, со измените во Законот, обврската за изготвување на декларациите ја презема Управата за јавни приходи (УЈП) и сега ја испраќа на личната сметка на занаетчиите, а не на единствениот даночен број на дуќанот

Повеќе од 3 000 занаетчии остануваат без здравствено осигурување затоа што на личните сметки немаат веќе средства за да може да ги платат придонесите. Проблемот трае веќе втор месец откако во јули беа донесени измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кои самовработеното лице – занаетчија е обврзник за плаќање придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Ова значи дека месечната пресметка на плата сега стигнува на име на вработениот, а не како досега на единствениот даночен број и назив на занаетчискиот дуќан.
Занаетчиите со овие промени треба придонесите за здравствено и пензиско осигурување, персонален данок и плата да си ги уплаќаат од лична сметка, а не од таа на дуќанот каде што работат и кој месечно генерира приходи.
Дополнителен проблем, како што велат неколку занаетчии со кои разговараше „360 степени“, е што нема да можат да ги извадат приходите од сметката на дуќанот затоа што немаат никаква основа за тоа.
„На сметката на дуќанот има средства, но на мојата лична нема затоа што сè што имав искористив за да уплатам за придонеси за овие два месеци. И дополнително на тоа, уплатата што ја имав направено на 27 август не беше институционално евидентирана и морав прегледот на лекар да го платам приватно“,
вели еден од занаетчиите.
Луѓето имаат кредити, а на сметките немаат пари за месечна рата
Од Занаетчиската комора-Скопје потврдуваат дека занаетчиите се соочуваат со овој проблем, за кој велат дека веќе алармирале до надлежните институции.
Досега, велат оттаму, декларациите за плати и придонеси занаетчиите си ги изготвуваа сами или тоа го правеше некое сметководствено биро. Со измените во Законот обврската за изготвување на декларациите ја презема Управата за јавни приходи (УЈП) и сега ја испраќа на личната сметка на занаетчиите, а не на единствениот даночен број на дуќанот.
„Со овие измени на занаетчиите им е забрането да земаат плата, а од личната сметка плаќаат само придонеси. Со измените се јавија еден куп проблеми затоа што луѓето имаат земено кредити и се обврзани кон банките да плаќаат месечни рати, а немаат никакви приходи“,
вели Анета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиската комора-Скопје.
Таа потврдува дека постојано се во комуникација со институциите на кои им било укажано дека декларацијата за придонесите мора да се испраќа на единствениот даночен број и потоа преку фолио-бројот, кој се однесува на единствен идентификациски број што го издава Управата за јавни приходи при поднесување пресметки, уплатите веднаш се евидентираат во Фондот за пензиско и здравствено осигурување.

Сега, како што вели Атанасовска, занаетчиите имаат здравствено осигурување по 48 часа откако ќе ја извршат уплатата.
Таа додава и оти на 1 септември занаетчиите останале без здравствено осигурување затоа што доцнел системот на УЈП.
За проблемот што го имаат занаетчиите, Комората на својата фејсбук-страница има објава од пред пет дена во која се вели дека раководството одржало состанок со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на кој биле доставени барања од занаетчиите.
Тие побарале обезбедување можност самовработеното лице, по лично барање, да плаќа придонеси на повисока основица согласно закон, да се обезбеди можност за исплата на плата на самовработеното лице – занаетчија, изработка на МПИН-пресметки за сите паушално оданочени занаетчии и утврдување на рокот во кој тие ќе бидат достапни.
Исто така, побарале враќање на системот на изготвување на МПИН-пресметките на ЕДБ и назив на занаетчискиот дуќан, наместо на ЕМБГ, и име и презиме на физичкото лице и обезбедување непречено евидентирање на стажот во Фондот на ПИОМ и континуитет на здравственото осигурување.
Министерката за финансии, како што се вели во објавата од Занаетчиската комора, ветила дека сите детектирани проблеми ќе бидат решени во најкраток можен рок.
Измените се во сила од јули годинава
Инаку, Управата за јавни приходи на 13 јули годинава објави соопштение со кое ги известува сите работодавачи, самовработени лица и даночни обврзници дека се стапени во сила измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (објавени во „Службен весник“ бр. 148/2026). Овие измени директно влијаат врз пресметката на платите и придонесите во периодот од јули до декември 2026 година.
Согласно измените, задолжително се применуваат привремени стапки за пресметка и плаќање на придонесите и тоа 19,9 отсто за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, 7,5 за задолжително здравствено осигурување, 0,5 проценти за дополнителен придонес за случај на повреда на работа и професионално заболување и 0,1 отсто за осигурување во случај на невработеност.
Од УЈП во соопштението апелираат работодавачите и сметководствените бироа веднаш да ги ажурираат своите софтверски системи со цел непречено поднесување на МПИН-пресметките за јули 2026 година.
Една од новините е и промената во членот 13, со која Управата за јавни приходи презема обврска службено да ги изработува МПИН-пресметките за самовработените лица кои плаќаат данок на личен доход по паушален нето-доход, додека обврската за уплата останува на самите занаетчии.
