Според неофицијалните наводи објавени во медиумите, волците наводно успеале да ископаат дупка под своето живеалиште и да избегаат, по што нападнале и усмртиле неколку кенгури и птици ему во рамките на ЗОО Скопје. На вработените во Зоолошката градина им биле потребни неколку часа да ги фатат волците и да ги вратат во живеалиштето
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ побара итна, независна и темелна истрага во врска со наводите објавени во дел од медиумите – дека бели волци од Зоолошката градина во Скопје во саботата избегале од своето живеалиште и усмртиле четири кенгури и неколку птици ему во рамките на зоолошката.

Според неофицијалните наводи објавени во медиумите, волците наводно успеале да ископаат дупка под своето живеалиште и да избегаат, по што нападнале и усмртиле неколку кенгури и птици ему. На вработените во Зоолошката градина им биле потребни неколку часа да ги фатат волците и да ги вратат во живеалиштето.
Од „Анима мунди“ бараат скопската зоолошка градина да се произнесе во врска со ваквите наводи. Прашуваат кој ќе преземе одговорност за настанот, кој го оценија за алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција која чува живи суштества зад решетки.
„Како е можно волци со денови или недели да копаат дупки без тоа да биде забележано? Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата? Кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетители, деца, вработени или граѓани?“,
велат од „Анима мунди“.
Здружението бара итна и темелна истрага, откривање на сите пропусти во рамки на Зоолошката градина, објавување на сите факти и најстроги санкции за секој што со своето (не)постапување придонел за оваа трагедија. Дополнително, бараат и итен мораториум на размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје.
„Институција која не може да гарантира безбедност, благосостојба и основни услови за живот на животните кои веќе ги поседува, нема ниту морално ниту професионално право да продолжи да акумулира нови животни! ЗОО Скопје мора да започне трансформација во рескју и рехабилитациски центар за животните кои веќе се таму и за кои нема можност за сместување во соодветни странски засолништа, паркови и живеалишта. Наместо производство на ново страдање и нови генерации животни осудени на живот во заробеништво, потребен е план за постепено намалување на бројот на животни и ставање крај на концептот на колекционирање живи суштества за изложување. Уште колку животни треба да страдаат и да умираат за да признаеме дека овие установи одамна не служат на интересот на животните? Животните не се експонати. Не се инвентар. Не се потрошна стока!“,
додаваат од Здружението за заштита на животните.
