Српскиот претседател ги нарече „бизсмилени приказни“ тврдењата на косовските власти дека Србите ги напуштиле косовските институции по наредба од Белград. Вучиќ рече и дека властите на Косово ја примениле „најлошата можна варијанта“ кога станува збор за табличките
Вучиќ рече дека Србите ќе се вратат во институциите кога ќе се формира Заедницата на српските општини и кога ќе се повлече одлуката за таблиците
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва оцени дека оставките на Србите во институциите на Косово донеле големи политички, речиси тектонски промени.

Вучиќ, на прашањето дали перцепцијата на јавноста е реална дека ова е најтешката ситуација во историјата, рече дека не може да каже дека е лесен момент, но не е ниту прв ниту последен.
„Важно е да се однесуваме одговорно и сериозно. Сега човек не знае што да објасни и на кој начин, да им каже на луѓето што се случило. Зборуваме за големи политички, речиси тектонски промени. По 10 години Србите донесоа одлука да ги напушти институциите на Приштина“,
изјави Вучиќ, во гостување на ТВ Пинк.
Претседателот на Србија изјави дека се надева оти Соединетите Американски Држави ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициски работи на северот на Косово, по одлуката на Србите да ги напуштат институциите.
„Мислам дека тоа може да придонесе за мирот“,
изјави Вучиќ.
КФОР ги претставува официјалните вооружени меѓународни мировни сили под водство на НАТО, додека ЕУЛЕКС е мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово.
Српскиот претседател ги нарече „бизсмилени приказни“ тврдењата на косовските власти дека Србите ги напуштиле косовските институции по наредба од Белград. Вучиќ рече и дека властите на Косово ја примениле „најлошата можна варијанта“ кога станува збор за табличките.
„Првин да нè прекорува и да нè понижува. Потоа ќе ве казниме. После тоа ќе ви ги одземеме регистарските таблички, а потоа и автомобилите“,
речe Вучиќ.
Претседателот на Србија рече дека Србите ќе се вратат во институциите кога ќе се формира Заедницата на српските општини и кога ќе се повлече одлуката за таблиците.
Косовскиот премиер Албин Курти денеска повторно ги повика косовските Срби да не ги напуштаат и да се вратат во институциите, бидејќи, како што рече, тоа ќе го ослабне давањето услуги на граѓаните.
Курти оцени дека официјален Белград сака да ја дестабилизира ситуацијата на Косово преку дејствијата на Српска листа, која е водечка партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград, а ја поддржа и одлуката за напуштање на косовските институции.
Претседателот на Србија изјави и дека се надева оти НАТО ќе спречи евентуална одлука на Косово да испрати специјални единици на север.
„Се надевам дека НАТО ќе има доволно мудрост да ги спречи“,
рече Вучиќ.
Косовската полиција на 5 ноември објави дека има оперативни планови за зачувување на уставниот поредок на Република Косово и зачувување на редот и мирот во целата земја, но дека специјалните единици не се ангажирани или испратени на северот на Митровица, како што информираа некои медиуми во Косово и Србија.
Високиот претставник на ЕУ, Јосеп Борел, во својата реакција на тензиите ги повика Косово и Србија да се воздржат од еднострани потези кои би можеле да ги зголемат тензиите на теренот.
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил денеска изјави дека САД се согласуваат со Европската Унија дека неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија го загрозуваат важниот напредок постигнат во дијалогот што се води со посредство на ЕУ.
Тој ги повика двете страни да го „изберат патот на дијалогот и да се воздржат од дејствија кои би довеле до насилство и конфронтација“. Србите, како што изјави Хил за Н1 треба да се вратат во институциите, а Приштина да прекине со мерките за пререгистрација на возилата со српски таблички и да почне со исполнување на обврската за формирање на Заедница на српски општини.
Косовските Срби вчера одлучија да ги напуштат институциите во знак на револт на стапувањето во сила на одлуката за пререгистрација на сите српски возила и воведувањето на косовски регистарски таблички.
Денеска претпладнето во четирите општини се одржаа вонредни седници на кои градоначалниците на Лепосавиќ, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток и формално поднесоа оставки од функцијата.
На седниците оставки поднесоа и претседателите на општинските собранија, како и советниците.
Во меѓувреме, полициските станици останаа без мнозинството полицајци, правосудните органи без судии и обвинители, локалните самоуправи без администрација. Во северниот дел Косово има околу 300 полицајци, од кои 80 отсто се Срби. Тие вчера ги соблекоа униформите за да покажат дека ја напуштаат службата.
Во Северна Митровица денеска се одржа и протестен митинг на косовските Срби, кој помина мирно и без инциденти.
На собирот се обратија неколкумина сегашни и поранешни политички чинители на Косово. Претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ рече дека мандатот го враќаат на српскиот народ кој ги избрал, а не на Приштина. Рече дека во Северна Митровица собирот има за цел да испрати јасна порака дека е доста од „шиканирање“ од страна.