Од коалицијата „Вреди“ обвинуваат дека опозициската ДУИ 20 години ја упропастувала државата со криминал и корупција, а сега е време да се соочи со правдата

„ДУИ нон грата се урива како кула од карти“, велат од коалицијата „Вреди“ која е дел од владејачкото мнозинство и додаваат дека ДУИ се оние кои 20 години ја упропастувале државата со корупција и криминал, а денеска се соочуваат со правдата.
„Артан побегна, Перпарим исчезна, Мерко нема пасош, а ќелиите се дезинфицираат за да ги пречекаат сите! Најдобриот подарок за Нова година? Голем катанец за затворање на седиштето на партијата која ја врати корупцијата во систем. ДУИ сега е синоним за измама, кражба и предавство на албанскиот народ. Но, нивниот крај започна, нивните бегства се само доказ дека никој не бега од правдата!“,
соопшти „Вреди“.
За струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од „Вреди“ велат дека кај неговата клика е познат како кралот на Струга и додаваат дека денес се соочува со своите злодела.
„Обвинителството, судовите и МВР кои некогаш го штитеа, денес не можат да го спасат. Граѓаните избраа промени и ‘Вреди’ носи правда! ДУИ тоне! Прво падна Артан, следуваше Перпарим, а ќе следуваат други. Доста е! Струга, Тетово и сите Албанци чувствуваат мирис на промени. Мерко веќе подготвува два бесплатни кревети во ќелијата, еден за Груби и еден за Бајрами“,
велат од „Вреди“ во своето соопштение.