„И сега, кога сиот криминал на Груби, посебно во Лотарија, за кој во СДС знаеле, излегува на површина, ги нема да го осудат, да се дистанцираат и да го повикаат да се врати во Македонија и да се соочи со правдата“, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ

Груби и другар му Перпарим системски краделе од Лотарија, во СДС за тоа знаеле и молчеле за да им трае владината коалиција, обвинија денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби со, како што велат, другар му Перпарим Бајрами, ексдиректорот на Државна лотарија, си направиле криминална шема од која профитирале милиони.
„Артан Груби и Перпарим Бајрами системски краделе од Лотарија и ваквиот криминал од надлежните институции е документиран и истражен. За неколку месеци од преземањето на власта од ВМРО-ДПМНЕ документиран е случајот со Државна лотарија и покренати се истражни постапки и кривични пријави. Криминалот во Лотарија се шири, а Груби и другар му Перпарим злоупотребиле многу повеќе од осум милиони евра. Во Државна лотарија се договарани тендери за набавка на телевизори, печатачи, компјутерска и комуникациска опрема во вредност од над 400 000 илјади евра“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, криминалот во овие тендерски постапки за набавка на телевизори и компјутерска опрема лежи во тоа што, иако е потпишан прием за нив, по спроведените проверки и попис не се пронајдени.
„За ваквиот криминал, кој имал епидемиски размери и по само шест месеци по промената на власта можеше да се документира, истражи и да се процесира, не е можно да не знаеле во СДС. Во СДС сигурно знаеле за ваквиот криминал во Лотарија, но ги оставиле Груби и ДУИ да крадат од македонските институции за што подолго останат на власт и во удобните фотелји. И сега, кога сиот криминал на Груби, посебно во Лотарија, за кој во СДС знаеле, излегува на површина, ги нема да го осудат, дистанцираат и да го повикаат да се врати во Македонија и да се соочи со правдата“,
велат од партијата.