Мерко е обвинет дека во март годинава поставил спомен-обележје на влезот на општинската зграда со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од законот за меморијални споменици и спомен-обележја

Судот го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Струга за определување мерки на претпазливост за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, односно одземање патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска тој повремено да се јавува во судот.
Мерките се побарани поради опасност од бегство, имајќи предвид дека во текот на вчерашниот ден ОЈО Струга поднесе уште едно обвинение против Мерко.
„Надлежен јавен обвинител, по спроведена претходна постапка, поднесе Обвинителен предлог затоа што обвинетиот, како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од законот за меморијални споменици и спомен-обележја“,
соопшти Обвинителството.
Според Обвинителството, имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оценил дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон.
„Имено, со последното поднесено обвинение вчера, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му се заканува и затворска казна“,
велат од Обвинителството.
Основниот суд Струга донесе решение со кое му го одзеде пасошот на обвинетиот и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот.