„Тие се сретнаа случајно и накратко на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Тоа беше спонтана средба, па затоа не мислам дека имаме што да додадеме повеќе од ова што веќе го кажав. Средбата беше многу кратка, спонтана и ништо повеќе од тоа“, изјавија од ЕК откако српскиот претседател објави дека се сретнал со шефицата на Европската комисија на маргините на Генралното собрание на ОН
Средбата помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Њујорк беше кратка, спонтана и непланирана, велат претставници на Комисијата откако српскиот претседател објави дека се сретнал со шефицата на ЕК на маргините на Генралното собрание на ОН.

„Тие се сретнаа случајно и накратко на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Тоа беше спонтана средба, па затоа не мислам дека имаме што да додадеме повеќе од ова што веќе го кажав. Средбата беше многу кратка, спонтана и ништо повеќе од тоа“,
изјави портпаролката на ЕК, Аријана Подеста.
Српскиот претседател вчера на своите социјални мрежи објави фотографија на која се ракува со Фон дер Лајен и изјави дека за време на краткиот разговор изразил искрена благодарност за сè што таа направила за Србија во претходните години. Шефицата на ЕК на социјалните мрежи објави низа средби што ги имала на маргините на Генералното собрание на ОН, но не сподели објава поврзана со разговорот со српскиот претседател.
Фон дер Лајен ќе отпатува во регионот следната недела како дел од нејзината традиционална годишна турнеја низ Западен Балкан. Овојпат таа ќе ги заобиколи Србија и Босна и Херцеговина.
Официјалното објаснување од ЕК е дека во двете земји се водат изборни кампањи, но според српските медиуми, важно влијание во одлуката на Фон дер Лајен овојпат да ја заобиколи Србија е и реакцијата на српската влада на смртта на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, како и неговиот погреб со државни почести во Белград.
