Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, истакна дека тие ќе гласаат воздржано за ова задолжување. Тој рече дека дека со ова задолжување повторно се зголемува долгот на земјата
Со кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ за поддршка на државниот буџет треба да се обезбедат 530 милиони евра. Целта на кредитната линија е да обезбеди ефективна заштита од криза
Пратениците денеска во рамките на 92. пленарна седница ја завршија расправата по предлог-законот за задолжување на земјава од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со кредитна линија за претпазливост и ликвидност.
Предлог-законот се носи по скратена постапка.
Пред редовната пауза до 15:30 часот пратениците дебатираа и за предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, кој е исто така по скратена постапка. Гласањето за законите ќе се реализира по завршувањето на расправата за двата закони.
Инаку, со кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ за поддршка на државниот буџет треба да се обезбедат 530 милиони евра. Целта на кредитната линија е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, истакна дека тие ќе гласаат воздржано за ова задолжување. Тој рече дека дека со ова задолжување повторно се зголемува долгот на земјата. Вакви кредити од ММФ земаат само Мароко, Панама и Македонија, рече Стојановски, кој ја обвини власта дека ништо не направила за граѓаните додека се на власт. Пратеникот повика на одржување парламентарни избор како излез од ситуацијата.
Пратеникот Панчо Минов во реплика до Стојановски посочи дека сумата од 530 милиони евра е вкупна рамка на можни повлекувања на средства, додека првичната рамка е 84 милиони, а 181 милион евра е наредниот пат, по првиот преглед за реализација на средствата од страна на ММФ. Другите пари се резерва, рече Минов.
Во дискусијата за предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии се вклучија главно пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ја критикуваа работата на Владата.
За Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, пак, се планирани 24,9 милиони евра, од кои 20 милиони евра се заем од Светска банка и 4,9 милиони евра грант од ЕУ кој ќе се администрира преку Светска банка. Проектот ќе се имплементира преку Единица за управување со проектот, која ќе биде формирана во Министерството за финансии.
Седницата продолжува во 15.30 часот, а по завршување на 92. седница, Собранието ќе ја продолжи 88. пленарна седница.
Министерството за финансии на 10 октомври соопшти дека Мисијата на Меѓународниот монатарен фонд дала зелено светло за доделување 530 милиони евра на Северна Македонија преку Кредитната линија за претпазливост.
Еден месец подоцна, односно на 4 ноември Владата на 99. Седница го усвои текстот на барањето до Меѓународниот монетарен фонд за земање кредитот чии средства се наменети за поддршка на Буџетот на државата.