Неправилностите, според Министерството за внатрешни работи, биле утврдени и при инсепкциски надзор, извршен од Државниот просветен инспекторат
Претходно, на почетокот на април, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга му поднесе пријава на првиот човек на општината за несовесно работење во службата под сомнение дека именувал в.д. директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Струга, кој немал потребен степен на образование и не поседувал соодветен сертификат за познавање англиски јазик
Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Струга, Менди Ќура под сомнение дека незаконски разрешил директор на основно училиште, а потоа на негово место именувал вршител на должност кој не ги исполнувал во целост условите за функцијата.

Кривичната пријава е поднесена од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга, а според неа тој се сомничи за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.
„Тој, во својство на градоначалник на општина Струга, спротивно на одредбите од Законот за основно образование, донел одлука и незаконски разрешил директор на едно основно општинско училиште, по што назначил друго лице за в.д. директор. Тоа го направил иако знаел дека новоназначеното лице нецелосно ги исполнува условите пропишани во член 118 од Законот за основно образование“,
се вели во соопштението од МВР.
Неправилностите, како што додаваат од Министерството, биле утврдени и при инсепкциски надзор, извршен од Државниот просветен инспекторат.
Инаку, ова не е прва кривична пријава што МВР му ја поднесува на струшкиот градоначалник, Ќура, кој на функцијата беше избран на минатогодишните локални избори. На почетокот на април, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга му поднесе пријава на првиот човек на општината за несовесно работење во службата, бидејќи на 18 ноември лани, именувал в.д. директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Струга, кој немал потребен степен на образование, не поседувал соодветен сертификат за познавање англиски јазик, а не исполнувал и повеќе други услови.
Во декември минатата година, ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против Општина Струга, како правно лице и против градоначалникот Ќура, како одговорно лице, поради прекршување на одредби од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Северна Македонија.
Како што соопштија тогаш од МВР, пријавените, како организатори на настан по повод Денот на албанското знаме, кој на 28 ноември 2025 се одржувал на улицата „Маршал Тито“ во Струга, покрај знамето на заедниците, ниту на бината ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не го истакнале и не го поставиле државното знаме на Република Северна Македонија, што, според законот, биле обврзани да го направат.
