„По финалното одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе ѝ бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите што ги донесе енергетската и ценовната криза“, информираат од Министерството за финансии
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Северна Македонија преку Кредитната линија за претпазливост (The Precautionary and Liquidity Line – PLL) во рок од 24 месеци, соопшти денеска Министерството за финансии.
„По финалното одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза. Самата намена на инструментот е да пружи ликвидносна поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација“,
информираат од Министерството.
Ова е големо признание за економските политики што се спроведуваат во земјава бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики.
Во изјавата на мисијата на ММФ, велат од Финансии, се дава признание и на заложбите на Владата за понатамошно спроведување на фискалната консолидација, како и реформите во јавните финансии, пред сè новиот Закон за буџети и фискалните правила кои ќе придонесат во оваа насока.
Оттаму потенцираат дека пристапот до овој финансиски инструмент, испраќа силни сигнали од ММФ за домашната економија на меѓународните пазари и инвеститори.
„Имено, при одобрувањето, покрај позитивната оцена за економијата од последната мисија на Фондот во земјава, ММФ ги оценува и фискалната политика, монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор и соодветноста на податоците. Оваа линија значи доверба во економијата и политиките кои се спроведуваат во земјата“,
велат од Министерството за финансии.