Присутните носеа маици со ликовите на поранешните водачи на ОВК и од настанот, организиран од Албанскиот младински форум, упатија порака дека очекуваат ослободителна пресуда од Специјализираниот совет во Хаг
Инаку, во саботата (12 септември) во Приштина се одржа марш и голем собир за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. На маршот присуствуваше и претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети
Во претсрет на утрешното објавување на конечната пресуда за четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои во Хаг им се судеше под обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото, денеска попладне во Скопје беше одржан собир за поддршка на обвинетите.

Настанот, како што пренесе телевизија Телма, се одржа на плоштадот „Скендербег“ и траеше околу половина час.
Пред насобраната група граѓани, покрај организаторите од Албанскиот младински форум, се обрати и поранешниот командант на ОНА и поранешен пратеник во Собранието Џезаир Шаќири – Хоџа.
Присутните на настанот носеа маици со ликовите на поранешните водачи на ОВК и од настанот упатија порака дека очекуваат ослободителна пресуда од Специјализираниот совет во Хаг.
„Симболиката на овој собир е дека тие утре треба да бидат ослободени и дека никој не може да каже дека УЧК била криминална организациј. Таа не беше криминална. Таа организација ја донесе слободата на Албанците во Косово и на сите места каде што живеат Албанци. Ние веруваме дека тие ќе бидат ослободени, а во случај тоа да не се случи, тоа ќе биде поради влијание на некои меѓународни фактори“, изјави Јасир Асани од Албанскиот младински форум за телевизија Телма.

Инаку, во саботата (12 септември) во Приштина се одржа марш и голем собир за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.
На маршот присуствуваше и претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, кој на својот официјален фејсбук-профил напиша дека во Приштина марширале за „слободата и за поддршка на ослободителите“ и дека народот „јасно ја кажал својата пресуда за Тачи, Весели, Красниќи и Селими – да бидат прогласени за невини“.
Специјализираниот совет утре во Хаг треба да ја изрече конечната пресуда за четворицата обвинети на кои им се судењеше за злосторства против човештвото – прогон, убиства, мачење, злоставување и друг нехуман третман врз луѓе за време на војната во Косово во 1998 и 1999 година. Според обвинението, во овој период биле убиени повеќе од 100 политички противници и претпоставени соработници на српските безбедносни сили, а стотици биле злоставувани во педесетина логори управувани од ОВК.
Четворицата поранешни водачи на ОВК се во притвор во Хаг ноември 2020 година, а судењето против нив почна во 2023 година.
Специјалното обвинителство во Хаг бара на секој од нив да му биде изречена казна од 45 години затвор, со тврдење дека доказите презантирани за време на судењето ги потврдиле кривичните дела за кои товарат.
За време на судскиот процес искази во судница дадоа вкупно 134 сведоци.
Утрешното објавување на пресудата со големо внимание се очекува и во Косово и во Србија.
