Пожарот на депонијата во Тетово во моментов го гасат екипи на Територијалната противпожарна единица – Тетово (ТППЕ), а пожарот во Струмичко е активно гасен во текот на вчерашниот ден и до доцна во ноќта, а се очекува да биде изгаснат во текот на денот
Во текот на вчерашниот ден, пак, како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), локализирани се осум пожари на територија на земјава, но и натаму се дежура заради можноста од реактивирање на пожарите
Во моментов во земјава активни се два пожара – еден меѓу струмичките села Требичино и Василево, а вториот е во Тетово, каде гори депонијата, а пожарот во моментов го гасат екипи на Територијалната противпожарна единица – Тетово (ТППЕ), информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарот во Струмичко, како што соопштува ЦУК, е на непристапен терен, карпесто-ритчест, а гори нискостеблеста мешана шума и висока трева.
„Пожарот е од вчера во доцните попладневни часови, а активно е гаснет од ТППЕ Струмица и Шумско стопанство ‘Беласица’ во текот на вчерашниот ден и до доцна во ноќта. Утрово во 5 часот екипите повторно се на терен, дејствуваат и се очекува во текот на денот да се изгасне пожарот“,
информираат од ЦУК за МИА.
Во текот на вчерашниот ден, како што посочуваат од ЦУК, локализирани се осум пожари. Тоа се во општина Неготино, полигон Криволак, општина Чашка, селата Лисиче и Голозинци, општина Илинден, село Миладиновци, општина Делчево, село Стар Иственик, општина Богданци, месност викана Погана, општина Охрид, село Лескоец, општина Велес, меѓу селата Бузалково и Сливник и градската депонија во општина Штип.
„Прекинато е надворешното горење и можноста за проширување, но сепак постои внатрешно тлеење на согорливиот материјал од пожарот. Се дежура заради можноста од проширување на пожарот“,
соопшти ЦУК.