Како што наведуваат од Министерството за одбрана и од Генералштабот на Армијата, во моментот пожарот е со мал интензитет, а доколку има потреба, армискиот хеликоптер кој дејствуваше во координација со припадниците на Армијата од АП „Криволак“ ќе интервенира утре во раните утрински часови
Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата информира дека попладнево со еден армиски хеликоптер и исфрлени 5 тони вода, се интервенираше во локализирање на пожарот кој е присутен во околината на Армискиот полигон „Криволак“, поточно на неговиот краен источен дел во близина на месноста „Орлово брдо“.
Како што наведуваат од Министерството за одбрана и од ГШ, во моментот пожарот е со мал интензитет со линија на протегање од 700-800 метри и поради слабиот интензитет на ветрот нема зафатено поголема површина на западната страна на „Орлово брдо“.
Оттаму додаваат оти армиските и инфраструктурни објекти од особено значење се на безбедно растојание од 5-7 километри воздушна линија од местото на пожарот и тие согласно армиските процедури дополнително се обезбедени и со инженериско уредени безбедносни противпожарни појаси во потребна широчина согласно проценките.
Доколку има потреба, армискиот хеликоптер кој дејствуваше во координација со припадниците на Армијата од АП „Криволак“ ќе интервенира утре во раните утрински часови.