Властите пробаа да ги смират демонстрантите и најавија ограничување на цената на горивата на 180 дена
Властите во Казахстан соопштија дека се приведени уште 1 678 луѓе во последните 24 часа, наведувајќи дека учествувале во насилните протести, најголеми откако земјата стекна независност пред три децении.
Според денешните податоци на властите во Алмати, најголемиот град во земјата, кој е и најтешко погоден во немирите, приведени се вкупно околу 12 000 лица.
Отворени се над 300 кривични истраги за масовни немири и напади на полициски службеници.
Протестите поради порастот на цената на горивата започнаа на 2 јануари и набргу се проширија, а политичките слогани укажаа на пошироко незадоволство од состојбата во земјата во која владее иста партија од стекнувањето на независноста.
Властите пробаа да ги смират демонстрантите и најавија ограничување на цената на горивата на 180 дена.
Владата поднесе оставка, а Нурсултан Назарбаев, поранешниот долгогодишен лидер на земјата, беше заменет од функцијата шеф на Советот за национална безбедност.
Претседателот Токаев за немирите обвини „терористи“ кои поддржуваат еден странски центар, не наведувајќи за кој центар се работи, а побара и помош од Организацијата за колективна безбедност, воениот сојуз предводен од Русија, кој се состои од шест поранешни советски земји (ОДБК). Блокот одобри испраќање на 2 500 војници во Казахстан.
Токаев вчера изјави дека ОДКБ ќе започне со повлекување на своите трупи неделава, бидејќи ја завршиле мисијата и состојбата во земјата е стабилизирана.