Меѓудругото, претседателот Токаев го предложи Алихан Смаилов за нов премиер, откако претходната влада си даде оставка среде ескалацијата на немирите
Казахстанскиот претседател Касам-Жомарт Токаев најави повлекување на војниците од контингентот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) кое ќе се случи за два дена. Тој додаде дека нивното повлекување целосно ќе заврши во наредните 10 дена.
„Обидот за државен удар не успеа, ситуацијата во сите региони на земјата е стабилна, главната мисија на ОДКБ е завршена“,
рече Токаев.
Токаев повторно додаде оти против Казахстан била покрената терористичка војна со политички, воени и идеолошки средства.
Воениот контингент на ОДКБ пристигна во Казахстан минатата недела откако раководството на Казахстан побара од блокот предводен од Русија воена помош во услови на насилни немири.
Меѓудругото, претседателот Токаев го предложи Алихан Смаилов за нов премиер, по што беше и изгласан од парламентот.
Смаилов стана привремен премиер откако на 5 јануари Токаев ја прифати оставката на претходната влада, каде што Смаилов беше вицепремиер.