Армијата и полицијата ги блокираат клучните локации и не дозволуваат никој да им се приближи и прво вербално предупредуваат, а потоа пукаат предупредувачки истрели во воздух
Продавниците кои се отворени примаат само готовина, но тешко е да се најде место каде може да се земе кеш. Нема интернет, а дури и такси-превозот се смета за ризичен потег
Една недела по започнувањето на протестите против поскапувањето на горивата, најголемиот град во Казахстан, Алма Ата, изгледа како сцена од филм за апокалипсата. Новинарски екипи на сите светски медиуми и агенции со денови објавуваат фотографии и видеа од запалени возила и уништени згради, додека на улиците секој ден има се помалку луѓе.
Армијата и полицијата ги блокираат клучните локации во градот, кој беше во фокусот на антивладините протести и не дозволуваат никој да им се приближи и прво вербално предупредуваат, а потоа пукаат предупредувачки истрели во воздух.
Алма Ата сега е сенка на градот што некогаш беше. Тој е многу фреквентен град со многу зеленило и многу ресторани. Сега продавниците и банките се ограбени или уништени и ќе треба долго време за ова место да се опорави од траумата.
Најголем дел од штетата е забележана околу главниот градски плоштад, каде што демонстрантите првпат дојдоа кога започнаа протестите. Зградите на медиумите во близина не се оштетени, а канцеларијата на градоначалникот изгоре.
Во петокот немаше протести. Во близина на оштетените згради се собра само мала група луѓе за да ги фотографираат сцените со своите телефони. Но, се уште се слушаат пукотници и експлозии.
Жителите на Алма Ата се соочуваат со недостиг на храна, а големите супермаркети се затворени. Продавниците кои се отворени примаат само готовина, но тешко е да се најде место каде може да се земе кеш. Нема интернет, а дури и такси-превозот се смета за ризичен потег. Бидејќи нема интернет и телефони, тешко е да се дознае што се случува надвор од градот.
Казахстан никогаш не се соочил со протести од вакви размери. Немири имало и претходно, но главно локализирани. Ниту еден од нив не резултирал со напад на главниот аеродром.
Плановите за покачување на цените на горивото ги предизвикаа демонстрациите, но тие го открија и големото незадоволство од Владата. По оставката на првиот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, кој беше на функција до 2019 година, луѓето се надеваа дека новиот претседател Касим-Жормат Токаев ќе донесе промени.
Сепак, се остана исто, а преименувањето на главниот град од Астана во Нур-Султан, во чест на поранешниот лидер, за многумина беше доказ дека старата елита се уште е на власт.
Засега работите се смируваат и се чини дека надлежните имаат контрола. Но, и да завршат овие протести сега, незадоволството ќе остане. Секогаш една искра ќе може да поттикне нови протести.
„Во моментов продолжува антитерористичката операција за да се зачува безбедноста и редот во земјата. Денеска состојбата е стабилизирана во сите региони на земјата. Ослободени се сите објекти на локалната самоуправа“,
се наведува во соопштението од властите.
Казахстанското Министерство за здравство денеска соопшти дека во немирите минатата недела загинале 164 лица, но не е познато дали во новиот биланс на жртви се вклучени и загинатите припадници на безбедносните сили.
Претходно беше соопштено дека безбедносните сили убиле 26 демонстранти, а загинале 18 полицајци.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Казахстан се објавени информации за приведените во земјата – 5 135, а бројот на повредени припадници на безбедносните сили надмина 1 300.
Во соопштението се наведува и дека 300 лица со поголеми суми пари и украдена стока, меѓу кои и огнено оружје и мобилни телефони, биле приведени додека се обидувале да ја поминат границата со автомобил или пеш.