„На македонската јавност ѝ е преку глава од циркузот кој го организира власта, па згора на се сега треба да го гледа и циркузот во режија на Арсовска. Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи оти не сакаат и не се дел од „циркузот на Арсовска“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзината советничка група во Советот на Град Скопје денеска преку соопштение го изрази својот поддржувачки став кон претседателот на Советот Трајко Славески порачувајќи дека тој има целосно право да постапува согласно Деловникот.
„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поддржува правото Славески да го спроведува Деловникот буквално“,
велат од партијата.
Ова следува откако претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески пред почетокот на денешната седница јавно го повика Инспекторатот за локална самопурава да интервенира откако градоначалничката на Скопје претходно му го одзеде копчето за вклучување и исклучување на микрофините на советничката говорница.
„На претседателот на Советот му е оневозможено да го спроведува деловникот од аспект на спроведување на редот во салата, давањето и одземањето збор, ако за тоа има потребата, контролата и времето на дискусии итн. Тоа беше и причина за одредени тернзии во изминатите две седници“,
рече Славески.
Од партијата додадоа оти се згрозени од недоличното однесување на градоначалничката Данела Арсовска, која, како што велат, наместо како пример за добро однесување и управување е пример како не смее да се однесува јавен функционер.
„На македонската јавност ѝ е преку глава од циркузот кој го организира власта, па згора на се сега треба да го гледа и циркузот во режија на Арсовска. Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи оти не сакаат и не се дел од „циркузот на Арсовска“.
Реакциите на опозициската партија следуваат откако денешната седница на Советот на Град Скопје продолжи со нова епизода на манифестирање на отворено нетрпение меѓу претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска, која овој пат го нарече „Хитлер“, „деспот“ и „тиранин“.
Во меѓувреме, Град Скопје попладнево преку соопштение побара од претседателот на Советот Трајко Славески да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Од Градот потенцираат дека скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради, како што велат, хировите на еден човек кој има една, единствена и основа задача – воведување на едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски.