Ситуацијата е поразителна, со оглед на тоа што 30 проценти од тестираните во текот на изминатото деноноќие се заразени и има дури 30 починати, посочи Марија Андоновска, на вонредна прес-конференција
Власта задоцни со сите мерки. Полицискиот час, како таков, не дава резултати, ниту ќе даде! Потребни се систем и протоколи кои ќе се применуваат и власт која ќе знае да ги спроведе, реагираше вечерва опозицијата, на вонредна прес-конференција, откако беше објавена денешната ковид-статистика во која влегоа нови 30 смртни случаи.
Марија Андоновска од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНе рече дека ситуацијата е поразителна, со оглед на тоа што 30 проценти од тестираните во текот на изминатото деноноќие се заразени со коронавирус и има дури 30 починати.
„Полицискиот час на Филипче не дава резултати, потребни се протоколи и систем кој ќе функционира. Сега имаме протоколи кои не се почитуваат, институциите се полни, нема систем. Граѓаните се тие кои ја плаќаат цената. Владата и Филипче немаат план и тоа е загрижувачки и алармантно. Вакцинацијата која досега требаше да биде во напредна фаза не е ниту почната. Филипче најавуваше вакцинација во февруари, сега сме крај на март, а вакцини нема“,
рече Андоновска, барајќи повторно оставка од министерот за здравство Венко Филипче.