Поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, пак, вчера го одби повикот за отворена дебата и кажа дека за набавката на софтверот е подготвен да сведочи пред институциите
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го прифати предизвикот од поранешниот генерален секретар на Владата, а сега секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за отворена дебата околу набавката на софтверот, но и за други теми.
„Токму заради приликите, заради режимот во Македонија, јас лично ќе застанам пред Драги Рашковски, во име на ВМРО-ДПМНЕ на ТВ дуел, за да го соочам пред јавноста со сите скандали тешки милиони евра. На Рашковски не му е местото на ТВ, но во услови на режим и неправда, јас ќе му излезам на дуел“,
вели партискиот портпарол Наум Стоилковски.
Рашковски вчера во изјава за Канал 5 ТВ рече дека правните дилеми околу набавката на софтверот треба да ги решат институциите, но повика на политичка дебата со опозицијата откако ќе се врати од одморот во Мексико.
„Ќе заврши мојот ако после се може да се нарече одмор, па нека повели ВМРО-ДПМНЕ преку оној кој ме повика, поранешниот министер Наќе Чулев, да дојде и да дебатираме. Не само за ова. За сè што до сега ме обвинуваа“,
рече Рашковски.
Чулев, кој директно беше прозван како технички министер за внатрешни работи во време кога се случила набавката, вчера се огласи и го одби повикот и рече дека за темата е спремен да сведочи пред институциите.
„Не сметам дека тие се место за решавање на прашања за кои веќе јавното обвинителство има започнато предистражна постапка. Оставам институциите на системот да ја завршат во целост нивната работа, а јас стојам на нивно располагање во секое време“,
рече Чулев во дел од одговорот.
Пред два дена, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека отворило предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација. Рашковски, пак, во изјавите за медиумите порача дека единствен исправен начин за дознавање на вистината е преку институциите.
„360 степени“ пред десетина дена ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.
Подоцна, „360 степени“ откри дека токму Рашковски е автор на таков сличен софтвер, а во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.
*Сите вести поврзани со ова може да ги прочитате на следниве линкови:
(ВИДЕО) Рашковски прво го платил софтверот, па дури потоа го тестирал
Асоцијацијата на пронаоѓачи го разголи Рашковски: Софтверот е негов
Поповиќ: Каков дополнителен доказ треба да прикаже „360 степени“ за Рашковски да биде сменет?
Рашковски за „Фокус“ самиот потврди дека е во Мексико
Русковска: Ако ниту еден орган не преземе дејствија за Рашковски, тоа ќе го сториме ние
Обвинителството отвори предистрага за софтверот на Рашковски
Рашковски за предистрагата на ОЈО: Само преку институциите ќе се дознае вистината
Рашковски ги кани Чулев и ВМРО-ДПМНЕ на дуел откако ќе се врати од Мексико
Чулев не сака да дебатира со Рашковски, стои на располагање да сведочи во обвинителството