Во аферата „Еуростандард“, која е тешка над 150 милиони евра, дури над 20 милиони евра кредити без покритие се делени на струмички компании блиски до власта, обвини денеска Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистинското прашање во аферата тешка 200 милиони евра е на кој начин се одобрувани кредитите кои набрзо станувале лоши пласмани и зошто тоа било премолчувано од најмалку три финансиски институции задолжени за контрола на банките. Дали е точно дека во аферата со Еуростандард банка, тешка 200 милиони евра, над 55 милиони евра кредити без покритие се делени на различни компании, меѓу кои и струмички компании блиски до власта? Јавноста ја интересира кои се тие компании што земале пари без покритие, или со хипотеки со преценета вредност. Сомнежот е дека се делени кредити за недвижнини со нереална и над проценетата вредност со цел да се добијат повеќе пари. Да потсетиме дека Зоран Заев изјави дека знаел за работењето на банката една година, а министерката за финансии заштедата од 250 илјади евра навреме ја извадила од банката“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Таа вели дека ова е коруптивен случај чии пипци одат до највисоките структури на власта.
На новинарско прашање, таа рече дека е шокирана од одлуката на Антикорупциската комисија од каде што денеска порачаа дека нема да бараат кривична одговорност за министерката Ангеловска, но потенцираат дека случајот е проблематичен од етички аспект, бидејќи со нејзината функција таа имала можност да добие информации за стечајот што ѝ се подготвувал на банката и да има предност пред другите штедачи.
„Се поставува прашањето дали таа намерно и полека го вадела својот депозит за да не биде воочливо одеднаш и притоа токму заради такви случаи како Нина Ангеловска, кои требале во последната година да ги повлечат своите депозити, се одвлекуваше стечајот на банката. Гувернерката ќе треба да одговори на прашањето зошто имаме отворање на стечај на банката после избори. Антикорупциска, според мене, и не само според мене, туку тоа е и ставот на ВМРО-ДПМНЕ, е само продолжена рака на Зоран Заев“,
рече Димитриеска-Кочоска.