Претседателката на Антикорупциската комисија, по денешната седница, посочи дека самата функција ѝ обезбедила можност на досегашната министерка за финансии да дојде до информации, кои се однесуваат на нејзини средства во која било банка
Државната комисија за спречување на корупција нема да покрене санкции за досегашната министерка за финансии Нина Ангеловска за случајот со Еуростандард банка, од каде што таа ја повлекла заштедата пред прогласувањето на стечајот. Сепак, претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска забележа дека овој случај е проблематичен од етички аспект, така што, според неа, потребно е генерално да се допрецизира и доуреди проблематиката за спречување судир на интереси.
„ДКСК не утврдува кривична одговорност, но од етички аспект го покренува прашањето од високо ниво и ќе препорача да се доуредат прописите, особено меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Министерството за финансии и останатите регулаторни тела, со тоа што ќе се додадат уредби со кои ќе се регулира судирот на интереси, ќе се предвиди како тој да се спречи особено оној момент каде што се кажува дека одредени носители на функција имаат можност да располага со информации и да ги искористат за себе или да обезбедат корист за некој друг“,
соопшти Ивановска по денешната седница на ДКСК, на која бил разгледуван предметот за можен судир на интереси со стечајот на Еуростандард банка и депозитот на министерката за финансии..
Ивановска додаде дека заклучокот е донесен врз основа на целокупната документација добиена од Министерството за финансии и од Народната банка.
„Со стапување на функцијата, министерката за финансии по службена должност располагала со информации и податоци за движењата на банкарскиот и на финансиските пазари и имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката, каде што таа е клиент, а не биле достапни на другите штедачи во таа банка. Овие информации можеле да имаат влијание врз донесувањето на нејзината одлука поврзана со депозитот во таа банка, со што таа имала предност пред останатите штедачи во банката“,
изјави Ивановска.
Прв документ, според Ивановска, на кој стои дека се разговарало за ситуацијата во Еуростандард банка, бил записникот од 4 јуни.
„Претходно можеби се разговарало, можеби не, но битно е дека самата функција ѝ обезбедува можност да дојде до информации што се однесуваат на нејзини средства во таа или во која било друга банка. Ние не покренуваме некаква санкција против министерката, но сакаме да го истакнеме етичкото прашање, кое е многу битно“,
изјави претседателката на ДКСК додавајќи дека сомнежот очигледно постои.
Ивановска посочи дека во периодот откако Ангеловска е министерка за финансии одржани се два состаноци на Комитетот за финансиска стабилност на 19 март и на 30 април, а записниците, подвлече, упатуваат дека се разговарало за Еуростандард банка.
Ивановска како значајно го потенцира тоа што Владата по препорака на ГРЕКО има донесено етички кодекс во кој е дефинирано дека членовите на Владата и носителите на јавни функции треба посебно да водат сметка за почитување на Законот за спречување судир на интереси, но и да избегнат сомнеж за постоење конфликт на интереси бидејќи, рече таа, јавноста се сензибилизира по ова прашање.
Ивановска, исто така, информира дека за ДКСК ќе биде приоритет донесување закон за потекло на имотот.