„Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измена на закон и други акти, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да го одложи гласањето за измена на Уставот“, рече на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков. Тој, говорејќи од име на пратениците на опозициската партија, рече дека го повикуваат собранискиот спикер „да се вразуми и да ги стави уставните измени на гласање“, но не даде конкретен одговор на новинарските прашања за тоа кои се натамошните чекори што ќе ги преземе партијата доколку Џафери не ги послуша
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија претседателот на Собранието Талат Џафери дека спротивно на Деловникот за работа на законодавниот дом ја одложи точката за гласање за потребата за отворање на Уставот во петокот.
Ставот на опозициската партија го изнесе пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција во Собранието.
Како што истакна тој, гласањето според Деловникот мораше да се случи во петокот кога беше завршен претресот по оваа точка и имаше обезбедено кворум за гласање.
„Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измена на закон и други акти, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да го одложи гласањето за измена на Уставот“, рече Лефков.
Претседателот на Собранието, додаде пратеникот, свесно го прекршил Деловникот за работата на Собранието за да им овозможи, како што кажа, на ДУИ и СДСМ да останат на власт ден повеќе.
„Џафери е ставен во улога на спасител на владините фотелји прекршувајќи правни акти и процедури. Џафери е свесен дека кога и да се стават уставните измени на гласање тие ќе пропаднат. Но и дека после тоа не останува ништо освен одење на избори. Затоа Џафери одолговлекува“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој, говорејќи од име на пратениците на опозициската партија, рече дека го повикуваат собранискиот спикер да се вразуми и да ги стави уставните измени на гласање.
„Колку повеќе власта вештачки се одржува толку потешко за Македонија, но и толку потежок ќе им биде поразот“,
порача Лефков.
Дали ќе поднесат интерпелација за Џафери и какви чекори понатаму ќе преземе ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници во парламентот, имајќи предвид дека на дневен ред доаѓаат закони од интерес на граѓаните, а пред пратениците наскоро треба да се најде и ребалансот на Буџетот, Лефков не даде конкретен одговор.
„Можеби сите чекори се ставени како опција, меѓутоа важно е во овој момент да ја завршиме оваа постапка соодветно на Деловникот онака како што започна. И самите сте свесни дека уставот е регулиран со посебна глава, со главата 10 по којашто се водеше претрес и не може да се злоупотребува членот 165…Онака, како што е најавено од страна на претседателот на партијата и координаторот на пратеничката група и од партиските структури, најважно во овој момент, и мислам дека тоа се прави секој ден, е да се заштити гласот на народот овде во македонското Собрание, затоа што знаете дека 80 отсто од граѓаните се против ваквото делегирано и наметнато менување на Уставот. Затоа со вакви апели го повикуваме да се вразуми, во меѓувреме ги уверуваме граѓаните дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да подлегне. Време е за избори. Останува од нас да ги повикуваме и да го заштитиме гласот на народот… Вистинското прашање е како ДУИ и СДСМ планираат да ја водат оваа држава. Верувајте имаме едно прашање на кое изгубивме повеќе од една година 13 или 14 месеци и време е да се стави крај на тоа“,
беа одговорите на Лефков на новинарските прашања за натамошните чекори што ВМРО-ДПМНЕ планира да ги преземе во врска со ова прашање.
На инсистирање на новинарите и на сублимирано прашање, дали како пратеничка група имаат стратегија како ќе функционираат во парламентот, Лефков со краток одговор:
„Се разбира дека имаме стратегија.“
Тој не сакаше да одговори и на прашањето што ќе биде тема на вечерашниот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ и дали евентуално ќе стане збор за стратегија како да се дојде до предвремени избори. За ова тој ги упати новинарите да побараат одговори во седиштето на партијата, со образложение дека тој се обраќа од прес-конференција од зградата на Собранието.
Во петокот по усвојувањето на дневниот ред и дискусијата која траеше околу два и пол часа, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата, соопштувајќи дека за нејзиното продолжение, на кое треба да се гласа за пристапување кон измена на Уставот и за што е потребно двотретинско мнозинство, ќе извести дополнително.
Ова наиде на негодување кај пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои на прес-конференција по завршувањето на седницата, порачаа дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и побараа предвремени избори.
Еден ден подоцна, односно во саботата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повтори добро познатиот став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.
Тој рече дека незавршувањето на седницата не треба да се толкува дека вратата останала отворена и дека меѓународната заедница сега ќе притисне додавајќи дека притисоци имало и претходно, но резултатот се видел за време на седницата во петокот.