
Јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции во согласност со новинарските стандарди е една од проактивните мерки во предложениот Акциски план за справување со дезинформациите, кој денеска го најави премиерот Зоран Заев. Што ќе значи оваа мерка, Заев препушти да одговори неговиот посебен советник за односи со јавноста Марјан Забрчанец, кој рече дека планот не е конечен туку дека ќе се доработува со широка стручна и граѓанска дебата и едукатвна кампања.
„Не станува збор за едуцирање на новинарите како да известуват туку за спроведување на стандардите на новинарската професија и во оваа куќа и во оваа зграда и во Владата, односно следење на новинарските стандарди за време на владините настани… Во делот на мерките поврзани со акредитирање на медиумите за владини настани, вие и досега сте поминувале низ такви процедури, ќе бидат прегледани уште еднаш. Ништо не е запишано во камен, тоа е процес кој може да се менува и да се подобрува“,
рече Забрчанец.
Во делот на проактивните мерки, Владата на својата веб-страница ќе ги објавува одговорите на прашањата поставени од медиумите, за како што се објаснува, да се избегне извртувањето на официјалните ставови. Преку внатрешен протокол на министерствата и Владата за кризни ситуации, ќе се „ловат“ и дезинформациите на интернет.

Во делот на безбедносните мерки, Владата ќе ги ревидира безбедносни протоколи за комуникација во институциите со цел намалување на можноста за протекување на сензитивни информации. Планот опфаќа надградба на безбедносните протоколи за дигитална комуникација за сите службеници, како и зајакнување на внатрешната, IT структура на институциите за навремено спречување надворешни напади. Администрацијата ќе добие обука, а ќе следува и активна кампања за граѓаните за постоењето и штетното влијание на дезинформациите .
Предлогот ќе биде ставен на дискусија на работни состаноци во институции, како и на консултации со граѓанскиот сектор, медиумите и стратешките партнери на земјава, пред да се донeсе финалната верзија. За спроведување на планот ќе се формира акциска група составена од претставници од Владата, министерствата и Кабинетот на претседателот, кои ќе ги анализираат дезинформациите. Со ова, премиерот Заев вели дека се изразува јасна волја за справување со дезинформациите.
„Во борбата со дезинформациите, Владата ќе продолжи со активна соработка, со стратешките сојузници Европската Унија и НАТО. Ова се само дел од мерките што се преземаат и ќе се преземаат за одлучно спротивставување и броба против лажните вести, дезинформациите и медиумските манипулации со единствена цел – заштита на јавниот, националниот и интересот на граѓаните од штетите што ги предизвикуваат овие појави“,
рече премиерот Зоран Заев.