Цената на договорот со „Бехтел и Енка“ од 1,3 милијарди евра и рокот за изградба од 4 години и 7 месеци, кои Владата ги презентираше како конечен договор во јавноста, ќе важат само ако се сменат редица закони со кои ќе им се олесни работата на изведувачите
Ако власта не успее да ги смени тие закони, автопатите ќе чинат и поскапо и ќе се градат подолго. Колку поскапо и колку подолго – тајна е
Дел од Владата и дел од новинарите во земјава денеска поминаа содржајни час и половина во Министерството за политички систем. Домаќинот, министерот за политички систем и прв вицепремиер Артан Груби, ги покани медиумите на брифинг на кој, покрај него, седеа и министрите за транспорт и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши, повеќемина директори на државни институции и претставник на надзорот на изградбата на автопатите. Темата беше изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
Првиот бран прашања и одговори беше околку ставот на владините претставници дека државата нема да го даде договорот со „Бехтел и Енка“ на јавноста, односно дека тој има степен на класифицирана информација. Целиот текст на таа тема можете да го прочитате на линкот подолу.
Откако заврши дебатата по тоа прашање, се отвори најактуелното во моментов – дали е точно, како што тврди опозицијата, дека земјава ќе плаќа пенали од 53 милиони евра ако, на пример, не се смени Законот за работни односи за работниците на проектот да може да работат прекувремено и над 8 часа неделно (над 40+8 часа)?
Се преговарало по непостоечки закони
Клучните факти кои Владата ѝ ги сервираше на јавноста се дека американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за 57 месеци, или во 2027 година, треба да ја заврши изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д во вкупна должина од 110 километри. Договорот Владата го потпиша на 8 март годинава, кога и беше презентирано дека изградбата ќе чини околу 1,3 милијарди евра.
На прашањата на новинарите зошто на власта ѝ се брза да менува закони кога веќе постигнала договор со „Бехтел и Енка“, одговорот беше дека во тој договор има различни клаузули и обврски за двете страни од кои ќе зависи конечната цена на работите. На инсистирањето на „360 степени“ за одговор – дали соопштената цена и рок (1,3 милијарди евра и 57 месеци) ги претпоставува сегашните закони или законите кои допрва треба да се менуваат, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на крај, призна дека соопштениот рок и цена се со претпоставени сменети закони. Тоа, во практика, значи дека Владата преговарала и направила договор и врз основа на непостоечки законски норми во тој момент.
Тоа значи дека договорот, всушност, бил испреговаран врз основа на непостоечки законски одредби, кои власта се обидува да ги вметне сега преку измени на Законот за работни односи.
А што ако не се донесат законите?
Но, што ако власта не стигне да ги смени законите кои ги ветила пред „Бехтел и Енка? Ова беше следното прашање на кое новинарите инсистираа на одговор, откако владините преставници признаа дека презентирале цена и рок во јавноста врз основа на претпоставена ситуација.
Првиот вицепремиер првично ја префрли топката кај претставникот на надзорот „ИРД инженеринг“, кој беше задолжен и за преговарање на цената. Објаснувањето беше екстензивно, но во насока колку сè фактори влијаат за конечната цена на еден автопат. Во еден момент дури ги убедуваше новинарите дека е важно да се заврши побрзо бидејќи така ќе се губат помалку човечки животи, а еден човечки живот (покажувале проценките) чинел околу еден милион евра. Настрана што се губел даночен обврзник, по што беше прекинат од новинарите дека одговорот води во морбидни насоки. Кога му беше повторно побаран директен одговор – колку ќе варираат цената и рокот само поради неносењето на законите, без другите варијабли, тој се повика на тајноста на договорот. Дополнителниот притисок од новинарите не помогна.
Со други зборови, тајна е колку се обврзала да плати Владата за автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Ја знаеме само минималната сума, под одредени (непознати) услови.
Власта се консултирала со Уставен како да ја протне зголемената работна недела
Зголемената работна недела (повеќе од 40+часа) веќе падна пред Уставниот суд. Првично, со специјалниот закон за изградба на делниците од коридорите 8 и 10-д беше предвидена 60-часовна работна недела. Имено, стануваше збор за членот 12 со кој се регулираше дека работното време на работниците ангажирани за изградба на коридорите „може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“, што Уставен лани во март оцени дека е неуставно и на штета на работниците, па го укина ваквиот член.
Во дебатата со новинарите денеска околу тоа зошто се договарало такво нешто кога ваква одредба веќе еднаш беше укината од Уставен, првиот вицепремиер Артан Груби откри дека се консултирале токму со овој суд како овој пат да го изведат ова.
„Имавме контакти и ние и пратениците со Уставен суд“,
рече Груби.
Откако дел од новинарите забележаа дека ова е сериозно мешање во судската власт, Груби се коригира и рече дека разговарале со „уставни експерти“, односно со „поранешни уставни судии“.
Консултациите, како што посочија владините членови, резултирале со сугестии дека треба да се направат измени во Законот за работни односи. Измени на овој закон, како и на уште седум други, се веќе во собраниска процедура по скратена постапка.
Според предлогот на пратениците од власта за Законот за работни односи, се бара измена на членот 117, односно по ставот 7 да се додаде нов став, 8, кој гласи:
„(8) По исклучок од ставовите (1), (2) и (7) на овој член прекувремената работа може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.“
Ова значи дека пратениците предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно. Истовремено, не се кажува колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часа дополнително може да работи еден работник.
Ваквите измени Груби вели дека не знае дали ќе се донесат односно дека тоа сега „зависи од пратениците“.
Ќе се плаќаат повеќе пари, но за Владата тоа не се „пенали“
Темата дека од државниот буџет ќе се одлеат многу повеќе пари доколку власта не му овозможи на „Бехтел и Енка“ подолга работна недела ја отвори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски.
Во гостување на ТВ Сител пред два дена, повикувајќи се на одредби од договорот, тој рече дека ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д, Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум.
„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ’Бехтел‘ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец“,
рече Николоски.
Груби, пак, денеска неколку пати рече дека не ги видел сумите што ги наведува Николоски, но оти не станува збор за плаќање пенали. И тој и неговите колеги од Владата се држеа до ставот дека ќе се плаќа повеќе ако не се зголеми работната недела и со тоа се пролонгира рокот на изградба.
На оваа тема денеска зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски обвинувајќи го раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека лаже и шири хистерија.
„Договорот со ’Бехтел и Енка‘ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување и беше јавно потпишан. Во договорот, кој е над 400 страници, дефинирани се сите услови за изградба на овој автопат при што постојат одредени активности што можат да се направат, а сега се дел од парламентарната процедура, а тоа се измени на неколку закони во однос на обезбедување на услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи автопатски делници – Коридорот 8 и Коридорот 10-д“,
објаснуваше денеска Ковачевски.
Проектот за изградба на 110-те километри автопатишта дел од коридорите 8 и 10-д, како што беше објаснето при потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, ги опфаќа делниците: Тетово – Гостивар – над 17 км; Гостивар – Букојчани – 30,3 км; Требеништа – Струга – Ќафасан – 22 км; Прилеп – Битола – 40 км.
Свечена церемонија за поставување камен-темелник, која всушност беше откривање табла, со која се одбележа почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше организирана на 4 април, а на 22 април, како што денеска најави Груби, е планиран „вовед во работата“. За 12 мај, пак, е закажано поставување камен-темелник на Коридорот 10-д.