Хеликоптерите „ми-24“ што ќе ги донира земјава се од руско производство и се набавени токму од Украина во 2001 година

Владата ја донесе најавената одлука за донација на хеликоптери од Армијата на Северна Македонија за војската на Украина.
За таа цел, на денешната владина седница бил прифатен протоколот помеѓу министерствата за одбрана на двете држави и била донесена одлуката.
„Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за потреба од склучување Протокол за донација на воздухоплови (хеликоптери) помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина и ја донесе Одлуката за донација на воздухоплови (хеликоптери) на Министерството за одбрана на Украина“,
соопштија од Владата.
Во информацијата од владината прес-служба нема информација за бројот и видот на хеликоптери, но како што е веќе познато, станува збор за 12 воздухоплови „ми-24“.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во петокот во „360 степени“ на ТВ Алсат откри дека тогаш ѝ била доставена анализата на барањето од Украина за донирање ваква опрема, што ја правел тимот на генералштабот на Армијата и во неа имало позитивна препорака. Меѓутоа, поради сензитивноста на темата, информациите за тоа кога и на каков начин ќе бидат транспортирани хеликоптерите во Украина, рече дека ќе останат класифицирани.
Хеликоптерите „ми-24“ што ќе ги донира земјава се од руско производство и се набавени токму од Украина во 2001 година, но за нив уште пред 8 години, според Петровска, се истечени ресурсите, односно не се користат поради недостиг на резервни делови и слично.
Украина, пак, според неа, има капацитет да ги стави во функција и тие ѝ се потребни на украинската армија за изведување различен вид операции и борбени активности.
Од друга страна, македонското Министерство за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, и тие ќе имаат првенствено транспортна, а не борбена улога. Стигнати се пет понуди од различни држави и компании, а во моментов евалуација прави интегриран проектен тим кој во април треба да достави извештај до министерката Петровска.