Владата на денешната седница го разреши директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски.
Разрешувањето следува откако тој одби да ги прифати 35 рамковно вработени кои беа доделени на ДПИ од Министерството за политички систем и односни меѓу заедниците. За разрешувањето од Владата наскоро треба да се огласат и со официјално соопштение.
Премиерот Заев го најави разрешувањето уште во петокот велејќи дека јавното спротивставување на Пауновски е пркос кој не е дозволен. Тој неговиот став го повтори и вчера и потенцираше дека Пауновски не го почитувал Законот за преземање на административни службеници вработени преку K-5 програмата и не ја променил систематизацијата во ДПИ, како и дека неговото однесување е спротивно на етичкиот кодекс.
Заев утрово имаше и средба со инспекторите од ДПИ кои се кренаа во одбрана на Пауновски и собираа потписи, но нивните аргументи не ја предомислија владата.