Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, велат од Владата
Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно – согласно Законот за енергетика загарантирано е јавната дејност да се врши во целост без прекин, реагираат од Владата откако денеска од компанијата „Балкан eнерџи груп“ (БЕГ) рекоа дека ниту имаат правна основа да располагаат со топланите ниту имаат обврска да продолжат со давање на оваа услуга во новата грејна сезона.
Во објавата од владината прес-служба се потсетува дека во финална фаза се преговорите за избор на нова компанија.
„Владата континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена. Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно, и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин“,
велат од Владата.
Оттаму додаваа дека заедно со ресорните институции постојано работат на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени со цел домаќинствата да имаат помали трошоци.
„Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното. И оваа година како и минатата, Владата согласно законските можности прави максимални напори да обезбеди непречено снабдување на топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во изминатиот период владиниот економски тим и ресорите енергетика имаа повеќе регионални средби и состаноци, со цел обезбедување на потребните енергенси во услови на најголемата светска криза која ја паметиме во поновата историја“,
велат од Владата.
Претходно, од БЕГ, како што објавивме, посочија дека тие имале законска обврска да ја извршуваат дејноста во рок од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој веќе е истечен.
Оваа компанија во јули остана без лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, а на јавниот повик, кој денеска го посочуваат од Владата, за избор на нова компанија се јави само една. Станува збор за државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), односно нејзините три компании кои беа формирани токму за оваа цел: ЕСМ сроизводство на топлина, ЕСМ дистрибуција на топлина и ЕСМ снабдување на топлина. Понудите од нив беа отворени пред две недели, а сега комисија составена од претставници на владините институции ќе треба да изврши евалуација и да ѝ даде предлог на Владата дали да се прифатат или не.