„Политико“ потсетува дека во Европа постои загриженост за посветеноста на САД кон европската безбедност, која беше зголемена со претходните изјави на Трамп, но и поради доцнењето со испраќањето на новиот пакет помош за Украина
САД ќе помогнат во заштитата на земјите од НАТО во случај на напад од Русија само доколку европските членки потрошат повеќе пари за својата одбрана. Ова го изјавил вчера републиканскиот претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп, во интервју за британската телевизија Џи-би њуз. Тој ги нападна земјите од Европската Унија дека ја експлоатираат Америка и им нареди да платат за да им биде гарантирана поддршката од Вашингтон.

Во интервјуто со новинарот Најџел Фараж, како што пренесува „Политико“, Трамп ја потврдил својата посветеност на трансатлантската алијанса, но ги предупредил европските земји да не ја искористуваат.
Коментарите, според „Политико“, може да ја намалат загриженоста кај западните лидери дека Трамп би можел формално да ја повлече Америка од НАТО доколку оваа година го добие вториот мандат како американски претседател.
Трамп изјавил и дека не му е грижа дали неговите политички противници ги користат неговите изјави токму против него пред изборите на 5 ноември, каде што ќе се соочи со претседателот Џо Бајден, кој е голем поддржувач на НАТО.
„Не ми е грижа дали и што користат, зашто она што го кажувам е во форма на преговори. Зошто да ги заштитиме овие земји кои имаат многу пари, додека САД плаќаат за поголемиот дел од НАТО?“,
рече Трамп.
Во разговорот со Фараж, Трамп значително ја ублажил реториката од претходно нагласувајќи, сепак, дека Европа мора да плати „праведен дел“ од трошоците за одбрана.
„НАТО мора да биде фер кон Соединетите Држави бидејќи без САД тој буквално не постои“,
вели тој.
На прашањето дали САД ќе ги бранат своите сојузници во Алијансата ако почнат „да си ги плаќаат сметките правилно“, Трамп одговори потврдно.
„Да, 100 отсто“,
рече Трамп.
Од 32 членки на НАТО, околу две третини сега трошат за одбрана на целните два или повеќе проценти од бруто-домашниот производ.
Но, Трамп ја омекнува својата реторика нагласувајќи дека Европа мора да го плати својот фер дел од трошоците за одбрана.
„Политико“ потсетува дека во Европа постои загриженост за посветеноста на САД кон европската безбедност, што беше зголемено со претходните изјави на Трамп, но и поради доцнењето со испраќањето на новиот пакет помош за Украина.
Додека беше претседател, Трамп постојано се закануваше дека ќе ја напушти Алијансата.