Имајќи ги предвид времето што се гледа на снимката објавена од ,,Портал икс” и изјавите на Спасовски, се наметнува дилемата – дали девојчето е убиено порано од она што досега е соопштено како момент на смртта
„Портал икс” вечерва на својата фејсбук-страница објави снимки на кои, како што тврди, се гледа движењето на возилата „ситроен“ и „рено кангу“ со коишто беше киднапирана 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
Порталот прави анализа на времето кога е убиена Вања.
Од времето прикажано на снимкките може да се види дека на 27 ноември 2023 г. во 7:55 часот двете возила со кои е извршено грабнувањето и убиството на Вања поминуваат на улицата број еден во населбата Визбегово. Како што се гледа на снимките, во возилото „ситроен“ каде што била Вања, како што соопштија и министерот за вантрешни работи и скопскиот јавен обвинител на заедничката прес-конференција во понеделникот, освен возачот, има уште едно лице на совозачкото седиште. И двете лица носат црни капи.
Понатаму, според времето испишано на снимката, најверојатно од безбедносна камера, треба да се заклучи дека возилото е запалено во 9:37 часот, бидејќи во тоа време (на снимката) се гледа чад кој доаѓа, како што се тврди од „Портал икс”, од местото подоцна каде што се пронајдени остатоците од опожареното возило.
Населбата Визбегово се поврзува со селото Бразда во чиј атар и е пронајдено телото на Вања, велат од „Поратл икс”.
Како што соопштија Спасовски и Бубевски на прес-конференција во понеделникот, повикувајќи се на исказите на осомничените, грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска се случило рано утрото на 27 ноември во влезот од зградата во која живеела.
Откако било грабнато, девојчето со врзани раце и нозе било ставено во вреќа за спиење, па во гепекот на возилото „ситроен“ кое било во сопственост на 74-годишниот велешанец, за чие убиство се осомничени истите лица кои се сомничат за исчезнувањето и смртта на Вања.
Пред „ситроенот“ цело време се движело возило „рено канго“.
Девојчето потоа било однесено на локација надвор од Скопје, каде што, според изјавите на сведоците, било извршено убиството и бил запален „ситроенот“ со кој девојчето било грабнато.
„Околу 10 часот (истиот ден) со пиштол било извршено убиството на Вања, а потоа запалено возилото со кое таа била грабната“,
изјави Спасовски на прес-конференцијата.
Имајќи ги предвид времето што се гледа на снимката објавена од ,,Портал икс” и изјавите на Спасовски, се наметнува дилемата – дали девојчето е убиено порано од она што досега е соопштено како момент на смртта. На ова прашање останува да одговори истрагата.