На подолгата верзија од видео-снимката која пред два часа е објавена на Јутјуб-каналот на „Трибуна мк“ е прикажано како обвинетиот за делото, кој потоа и го призна – пејачот Ламбе Алабаковски маскиран доаѓа до клубот со својот велосипед, го остава велосипедот, а потоа се доближува до вратата на клубот и го запалува
На социјалните мрежи и во медиумите вечерва е објавена подолга верзија од видео-снимката од безбедносните камери во близина на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на која е прикажан целиот инцидент на палењето на центарот, откако претходно денеска беше објавена кратката верзија на видео-снимката на која е прикажано само палењето на влезот на клубот.
На подолгата верзија од видео-снимката која пред два часа е објавена на Јутјуб-каналот на „Трибуна мк“ е прикажано како обвинетиот за делото, кој потоа и го призна – пејачот Ламбе Алабаковски маскиран доаѓа до клубот со својот велосипед, го остава велосипедот, а потоа се доближува до вратата на клубот и го запалува.
Откако го запалува влезот на клубот, Алабаковски трчајќи се враќа во насоката каде што е паркиран велосипедот.
Претходно денеска, редакцијата на 4news.mk ја објави кратката верзија на видео-снимката од инцидентот, каде што единствено се гледа моментот на палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Инцидентот во кој беше запален влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола се случи на 4 јуни оваа година. По три дена, на 7 јуни, Министерството за внатрешни работи соопшти дека сторителот на делото е притворен и дека ја признал вината, по што се дозна оти сторителот на делото е познатиот македонски поп-пејач Ламбе Алабаковски.
По инцидентот, Основното јавно обвинителство отвори постапка против пејачот Ламбе Алабаковски, по што му беше изрешен осумдневен притвор. По завршувањето на притворот, пејачот беше пуштен на слобода.