За жал, вели директорот на ДЗС, изгубена е почетната контрола над пожарот. Покрај „ертракторите“ на ДЗС и хеликоптерот на МВР, на терен се упатени и четири огнени тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со специјални возила „пинцгауери“
Голем пожар денеска околу пладне избувна помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево во Општина Градско.

Пожарот, како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, најверојатно почнал од стрниште, но поради ветрот брзо се проширил, загрозувајќи ги двете села. На барање на градоначалникот на Градско, покрај пожарникари од Велес, Неготино и Кавадарци, на местото се испратени и „ертракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптерот на МВР.
„Ертракторите кои од утринава дејствуваа на големиот пожар на Китка ги пренасочив овде, а потоа се вклучи и хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи“,
изјави Ангелов.
За жал, вели директорот на ДЗС, изгубена е почетната контрола над пожарот.
„Се работи за барут сува трева која зафаќа голема површина. Пожарникарите се бореа, но останаа без вода, а огнот отиде кон ридот. Сега се обидуваат да ги заштитат овоштарниците и лозјата во близина. Ќе успеат во тоа, но овде ќе следи долготрајна и повеќедневна битка. На терен се упатени и четири огнени тимови на ДЗС со ‘пинцгауери’“,
додава првиот човек на Дирекцијата.
Голема благодарност Ангелов изрази до локалното население кое, како што вели, со трактори прави противпожарни пресеци за да се спречи ширењето на огнот.
