Српскиот претседател во видеото истакнува дека досега во Србија пристигнале 2 620 000 вакцини, а вкупно се договорени 13 350 000
Како што беше најавено, српскиот претседател Александар Вучиќ на својот роденден пречека нови 500 000 кинески вакцини од „Синофарм“.
Вучиќ денеска (5 март) го прославува својот 51-роденден, а српските медиуми уште од претходно најавија дека Кинезите водејќи сметка за сите детали решиле симболично да ги испратат вакцините токму на овој ден.
Вакцините стигнаа на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ со најголемиот српски авион „Ербас А330“.
„Уште еднаш искажувам почит кон кинескиот претседател Си Џинпинг и пријателскиот народ од Кина“,
вели Вучиќ во видео кое го објави на Инстаграм.
Повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат, српскиот претседател во видеото истакнува дека досега во Србија пристигнале 2 620 000 вакцини, а вкупно се договорени 13 350 000. Покрај со кинеските, имунизацијата кај северниот сосед се врши и со вакцините на „Фајзер“ и на „Астра Зенека“, како и со руската „Спутник В“.