Нов протест започна утрово пред бугарскиот парламент, каде што за денеска е закажана вонредна седница на која ќе расправа за недоверба на владата.
Демонстрантите и денеска излегоа со истите барања – оставка од од владата на Бојко Борисов и од главниот обвинител.
Пред собранието е распореден полициски кордон, а демонстрантите скандираат „Оставка“ и „Мафија“.
Инаку, со расправата за недоверба на владата, ова ќе биде петти по ред обид на опозицијата да го собори кабинетот на премиерот Бојко Борисов.
Антивладини протести веќе десетина дена во континуитет се одржуваат во Софија и други бугарски градови.
Борисов го обвини претседателот Румен Радев дека е сценарист на антивладините протестите.
Демонстрациите почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев. Гешев го обвини Радев за неуставно однесување и на Твитер објави дека ја нарушил независноста на судството и извршил притисок врз обвинителството.
Радев вчера се огласи на повиците за дијалог што претходно ги упати Цвета Карајанчева, претседателката на парламентот во Софија и порача дека веќе е доцна за тоа.
На прашање до кога ќе има протести, Радев одговори: „додека не паднат тие што треба да си заминат“.