Румен Радев е сценарист на сè, затоа тој знае и повеќе од мене, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, алудирајќи на антивладините протести кои се одржуваат во Бугарија веќе осми ден.
Опишувајќи се себеси како најискусен политичар, најмногу пати избиран од народот, Борисов рече дека одговорност на Владата и на коалициските партнери е да не се се прават поделби во земјата, затоа што до крајот на годинава светот ќе го зафати тешка криза.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев вчера им се обрати на демонстрантите, истакнувајќи дека интригите на државниот обвинител и на Владата и одбивањето да се слушне гласот на граѓаните само ја продолжува кризата и предизвикува губење на довербата.
„Една недела илјадници Бугари се на плоштадите барајќи оставка од Владата и од државниот обвинител, барајќи слобода, закон и правда. Жителите на Софија, Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Стара Загора, Велико Трново и многу други градови се доказ дека протестот е на национално ниво и ги обединува сите возрасти и социјални категории“,
нагласи Радев.
Тој додаде дека протестите се национален консензус против мафијата, корупцијата, поврзаноста на државата и медиумите и против поткопување на демократските институции и закони.
Протестите почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев.
Гешев го обвини Радев за неуставно однесување и на Твитер објави дека ја нарушил независноста на судството и извршил притисок врз обвинителството.
Протестите ги поддржува опозициската Социјалистичка партија, чии гласови во 2016 година го донесоа Радев за претседател.
Следните парламентарни избори во Бугарија треба да се одржат во март 2021 година.