Тројца поранешни унгарски министри се во притвор, а дали истрагите ќе стигнат и до поранешниот премиер Виктор Орбан може да зависи и од исказите на луѓето опфатени со нив, оценува хрватскиот аналитичар Маријан Палиќ, кој ги следи случувањата во Унгарија

„Кругот околу него се стеснува“, изјави за Хрватската радио-телевизија (ХРТ) политичкиот аналитичар Маријан Палиќ, одговарајќи на прашањето дали корупциските истраги во Унгарија би можеле да го опфатат и Виктор Орбан. Според Палиќ, истражителите сè уште прибираат докази и евентуална постапка против поранешниот премиер би отвориле дури откако ќе имаат доволно конкретни докази.
Повод за разговорот е откривањето на околу 18 милиони евра во готовина во истрагата против Миклош Шестак, поранешен министер за национален развој во владата на Орбан. Според Палиќ, допрва ќе се види колкав државен имот бил пренесен во фондации и во приватни фондови во кои тешко може да се утврди кој е вистинскиот сопственик. Тој ги посочи и договорите за концесии за автопатишта што траат до 2057 година.
Новата унгарска власт формира и посебна служба за враќање на имотот, која има истражни овластувања. Орбан ги оценува постапките против своите поранешни соработници како политички прогон. Палиќ, пак, се повика на анкета на агенцијата „Медијан“, според која околу 70 отсто од Унгарците ги поддржуваат антикорупциските мерки на новата власт.
И Орбан го сподели повикот Шестак да го врати мандатот
Како што беше објавено вчера, откако беа објавени снимките на кои истражители ископуваат кутии со пари во шума, шефот на пратеничката група на Фидес, Јанош Бока, го повика Шестак веднаш да го врати пратеничкиот мандат. Истото претходно го побара и неговата матична Христијанско-демократска народна партија, помалиот коалициски партнер на Фидес. Пораката на Бока ја сподели и Орбан, кој само два дена претходно јавно ги бранеше своите поранешни министри.
Шестак е во притвор од крајот на септември. Сомнежите за поткуп се однесуваат на договори за државниот автобуски превозник „Воланбус“ и на градежни нарачки. Според пресметката на унгарскиот портал „444“, врз основа на материјалите за одземање на неговиот пратенички имунитет, митото за кое е осомничен изнесува 12,6 милијарди форинти, односно околу 35 милиони евра.

При претресите на 12 и 13 ноември, истражителите пронашле готовина во повеќе валути во противвредност од речиси 6,5 милијарди форинти, односно околу 18 милиони евра. Дел од парите биле закопани во шума, а дел биле скриени во сефови, земјоделски и станбени објекти. Шестак ги отфрла обвинувањата. Неговиот адвокат Габор Пап посочи дека во истрагата има повеќе осомничени и дека надлежните не соопштиле кому му припаѓаат парите.
