Засега нема информации кога собраниската Комисија за избори и именувања ќе предложи кандидати за нови уставни судии и кога тие точки би се нашле на дневен ред на пленарна седница
Без една третина од судиите функционира од денеска Уставниот суд, откако им истекоа мандатите како членови на тројцата последни претседатели на судот: Елена Гошева, Никола Ивановаки и Сали Мурати.
До завршувањето на мандатот на тројцата уставни судии, парламентот не успеа да избере нивни наследници, за што како причина се посочуваат и проблемите со кворумот со кои се соочуваше мнозинството во изминатиот период, во ситуација кога и за избор на членови на Уставниот суд се потребни 61 глас, а за кандидати од малцинските заедници и Бадентерово мнозинство.
Засега нема информации кога собраниската Комисија за избори и именувања ќе предложи кандидати за нови уставни судии и кога тие точки би се нашле на дневен ред на пленарна седница. Спикерот Талат Џафери на последниот брифинг со новинари минатата недела рече дека нема добиено предлози од матичната Комисија, а кога ќе ги добие посочи дека тие треба да бидат ставени на дневен ред на првата наредна седница. Во случај, како што рече, да се појави ургентна потреба за донесување одредена одлука, тогаш може да се закаже и посебна седница за таа цел.
Првата нова седница на Собранието е закажана за 8 јуни, но во нејзиниот предлог-дневен ред засега нема точки за избор на членови на Уставниот суд. Исто така, и на седницата на Комисијата за избори и именувања, закажана за 7 јуни, нема такви точки, иако, во меѓувреме, дневниот ред би можел да биде дополнет.
Уставниот суд брои девет члена, така што со три члена помалку сѐ уште може полноважно да одлучува, иако во таква ситуација не се исклучуваат проблеми со кворумот или при носење на одлуките.
Уставните судии утре ќе ја одржат првата седница во „скратен состав“, со која ќе почне тригодишното претседавање со судот на Добрила Кацарска, која засега е со најкус минат стаж како членка на Уставниот суд.
Поточно, Кацарска беше избрана за уставна судијка во ноември минатата година, за што се водеше неколкудневна жестока расправа во парламентот. Минатиот месец, пак, таа беше избрана на чело на Уставниот суд, на местото на Сали Мурати, кој предвреме замина од кормилото, затоа што му истече мандатот како судија.