„Уставниот суд има надлежност да постапува за политички партии, но само во делот на нивните програми и статутот, во смисла дали тие се во согласност со Уставот. Ништо повеќе од тоа. Околу регистрацијата, бришењето на политичките партии надлежен е Граѓанскиот суд, ние немаме никаква надлежност тука да постапуваме“, рече претседателката на Уставниот суд во интервју за „24 Отворено“
До Уставниот суд досега не е поднесена никаква иницијатива во врска со политичката партија Десна, чиј основач и претседател е Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Ова во интервју за „24 Отворено“ на ТВ 24 вечерва го кажа претседателката на Уставен, Добрила Кацараска.
Таа во разговорот ги објасни надлежностите кои ги има овој Суд во однос на постапувањето по прашања и иницијативи поврзани со политички партии, притоа посочувајќи дека регистрацијата и бришењето на партии не е едно од нив и дека тоа е во ингеренциите на Граѓанскиот суд.
„Уставниот суд има надлежност да постапува за политички партии, но само во делот на нивните програми и статутот, во смисла дали тие се во согласност со Уставот. Ништо повеќе од тоа. Околу регистрацијата, бришењето на политичките партии надлежен е Граѓанскиот суд, ние немаме никаква надлежност тука да постапуваме“,
рече Кацарска прашана дали Уставниот суд има надлежност да решава за постоење на партии.
На прашањето дали има иницијатива до Уставен за проверка на статутот на партијата Десна на Палевски, претседателката на Судот одговори:
„До денеска ние немаме добиено таква иницијатива, дали дополнително ќе пристигне тоа не би можела да кажам“
Околу можноста на Уставен по сопствена иницијатива да го испита статутот на одредена политичка партија, Кацарска рече дека Судот има таква надлежност, но, како што додаде, во ваква ситуација, за овој случај не верува дека кај колегиите би имало расположение за тоа.
„Мислам дека сепак би чекале да пристигне некоја иницијатива“,
додаде претседателката на Уставниот суд.

На дерегистирање на партијата Десна повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерта на 5 декември, кога на вонредна прес-конференција информираше дека Љупо Палевски е уапсен во Турција по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти по грозоморните убиства кои ја вознемирија јавноста.
„Вакво криминално гнездо како што е направено мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои се со не знам какви провениенции ова го прават, како што е формираната, мора да биде дерегистрирана“,
рече тогаш Спасовски одговарајќи на прашања на новинарите.
Тој нагласи дека најостро ќе бидат санкционирани сите оние што пробуваат да пренесат страв и несигурност кај граѓаните и додаде дека МВР стои на располагање за секоја индиција за да се расчистат ваквите криминални дувла кои, како што рече, преку влијанија однадвор сакале да направат дестабилизација.
Прашан за какви влијанија од странство се работи, Спасовски рече дека мисли на ставовите што ги застапува оваа политичка партија.
„Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваат? Не знаеме кои беа тие и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротивставуваа на напредокот на државата, НАТО, европскиот пат? На тие мислам“,
рече министерот за внатрешни работи, посочувајќи и дека треба да се утврдат и фактите дали станува збор за некаква секта или не.
Од политичката партија Десна истиот ден на нејзината фејсбук-страница напишаа дека согласно Статутот на партијата, функциите, активностите и членството на обвинетите ќе бидат замрзнати до крајот на процесот.
„За своите членови и претседателот на партијата, доколку се докаже дека се виновни, бара да бидат најстрого казнети. Во меѓувреме апелираме да се почитува уставно загарантираната пресумција на невиност на осомничените и обвинетите додека не се докаже спротивното. Ние, членовите на партијата, им стоиме на располагање на органите на прогонот со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред судот на сторителите на овие грозоморни случаи“,
беше наведено во соопштението на партијата Десна.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје, на 3 декември.
За нивното убиство и помагање за бегство, засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот се чека да биде екстрадиран од Турција.
Палевски се сомничи за две кривични дела – грабнување и убиство на свиреп начин, а по распишувањето на меѓународната потерница, беше фатен во турскиот град Беликесир.
Колку ќе трае постапката во Турција, од Правда велат дека не знаат, оти станува збор за национално законодавство на друга држава, но очекуваат дека Палевски ќе ги искористи сите правни механизми и дека ќе се жали пред турските органи во рамките на процедурата.
Очекувањата се дека постапката во Турција ќе трае неколку месеци.
Сите останати осомничени се во триесетдневен притвор. Станува збор за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски (кои се товарат дека се соизвршители на двете кривични дела), петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кој Обвинителството смета дека им помогнал на останатите да го грабнат девојчето.
Дополнително, во притвор е и возачот Стефан Димковски, кој го пренесол Палевски од Србија до Турција. Него Обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.