Дополнително, шефот на Советот за национална безбедност на Украина, Олексеј Данилов, вели дека Украина бара итен пристап до местото на експлозијата и бара заедничка студија за инцидентот заедно со своите партнери
Шефот на украинскиот Совет за национална безбедност Олексеј Данилов на Твитер објави оти Украина има докази за руска трага во експлозијата во Полска за која Варшава и НАТО велат дека најверојатно била предизвикана од украински проектил за воздушна одбрана, јави Ројтерс.
Тој во објавата на Твитер вели украинските власти заедно со партнерите сакаат да биде спроведена заедничка студија за инцидентот.
„Ние сме за заедничка студија за инцидентот со падот на ракетата во Полска. Подготвени сме да ги предадеме доказите за руската трага што ги имаме. Очекуваме информации од нашите партнери, врз основа на кои е донесен заклучок дека се работи за украинска ракета за противвоздушна одбрана“,
пишува Данилов на Твитер.
Виступаємо за спільне вивчення інциденту з падінням ракети в Польщі. Готові передати наявні у нас докази російського сліду. Очікуємо від партнерів інформацію, на підставі якої був зроблений висновок про те, що йдеться про ракету української ППО.
— Oleksiy Danilov (@OleksiyDanilov) November 16, 2022
Дополнително, шефот на Советот за национална безбедност на Украина во својот твит додава дека Украина бара итен пристап до местото на експлозијата.
Данилов го повтори ставот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и го осуди рускиот ракетен терор. Данилов не даде детали за тоа на какви докази се повикува кога се осврна на „руската трага“ зад инцидентот.
Претходно денеска, полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека проектилот што паднал врз неговата земја „веројатно бил користен од украинската воздушна одбрана“.
По состанокот со НАТО сојузниците, генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг изјави дека падот на ракетата на полска почва не бил намерен напад, а оти засега нема индиции дека Русија подготвува воени акции против НАТО.
Претходно денеска американскиот претседател Џо Бајден ги потврдил руските наводи оти експлозијата во Полска е предизвикана од украинската противвоздушна одбрана.