Портпаролката на СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт ширејќи омраза и страв, а сега ги игнорира егзистенцијалните проблеми на граѓаните и не ги исполнува клучните национални ветувања
Власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ претставува дефиниција за корупција и грабеж, која своите политики ги темели на наративи што на граѓаните им кажуваат што да мразат, наместо што да сакаат, вели портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, во интервју за „Слободен печат“. Таа обвини дека владејачката партија дошла на власт преку ширење страв и лажни ветувања, алатки со кои продолжува да владее и денес.

Според неа, зад лажните ветувања на Владата во реалноста се кријат континуиран раст на јавниот долг, пад на животниот стандард и сè поголема сиромаштија, и воедно ја обвини извршната власт за целосна неспособност и негрижа за секојдневните проблеми на граѓаните.
„Граѓаните секој ден се во маркетите, и ги интересира кога конечно ќе поевтинат лебот, шеќерот, маслото и основните производи. Наместо конкретни мерки, слушаат најави за анализи кои траат со месеци. Владата е целосно одлепена од реалноста и не ги разбира проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните“,
рече Кузеска.
Дополнително, Кузеска додаде оти од клучните политички ветувања со кои ВМРО-ДПМНЕ ја бараше довербата пред изборите, ниту едно од нив не е исполнето, што само ја продлабочува кризата и недовербата кон институциите.
„Каде е враќањето на името? Каде е подобриот договор со Бугарија? Каде е новата Преговарачка рамка? Тоа се прашања на кои граѓаните денес очекуваат одговори и токму затоа ги препознаваат лагите и неисполнетите ветувања на власта“,
заклучи таа.
