На денешното рочиште се гледаа и видеоматеријалите од камерите на кои може да се видат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ во периодот од 3:25 до 3:45 часот
Здравко Теодоров, диџејот кој кобната вечер на 6 кон 7 април пуштал музика во ноќниот клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје, пред кој беше нападнат хрватскиот ракометар Денис Тот, денеска во судница во Основниот кривичен суд сведочеше дека не видел нарушување на јавниот ред и мир внатре, каде што претходно било друштвото со кое бил и Тот.
Тој сведочеше дека си заминал околу 2:30 часот и рече дека не го видел конкретниот настан и за него дознал откако објавиле медиумите, а во текот на вечерта, додека пуштал музика, кажа дека не видел никакво нарушување на јавниот ред и мир, иако, како што нагласи, од местото каде што стоел имал целосен поглед на дискотеката, јави МИА.
На прашањето дали вечерта имало обезбедување, сведокот рече дека не би можел да каже повторувајќи дека ако немало луѓе внатре може и обезбедувањето да си замине.
Обвинетиот Анџело Ѓоргиевски го праша и колку луѓе имало во дискотеката, а сведокот рече дека можеби имало помалку од вообичаено, бидејќи било работен ден.
Откако беше сослушан диџејот, денешното рочиште продолжи со изведување на материјални докази. Конкретно, се гледаат видеоматеријалите од камерите на кои може да се видат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ во периодот од 3:25 до 3:45 часот. Дел од тие снимки, како што е познато, веќе беа објавени и во јавноста.
На минатото рочиште за убиството на Тот сведочеше психијатарот Александар Марцикиќ, кој ги прегледал тројцата обвинети за убиството: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19). Како вештак од областа на психијатријата тој рече дека секој од обвинетите во време на настанот бил со запазено психичко здравје, така што, како што посочи, можеле да ги разберат своите постапки, да ги претпостават последиците и да раководат со нив.
Досега во судница беа сослушани и вештаци од Судска медицина кои посочија дека најсериозните повреди со кои се здобил ракометарот биле нагмечување на големиот мозок и повреда на ’рбетниот мозок од кои втората ја посочија како фатална. Доколку не била повредата на ’рбетниот мозок, односно имало само нагмечување на големиот мозок, Хрватот би има поголеми шанси да преживее.
Покрај овие, во судница се сослушаа и други сведоци, а странките дадоа и воведни зборови. На рочиштето на 14 септември дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.
Пред неговото сведочење, пак, воведни зборови дадоа тројцата обвинети. Во кратките излагања пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, прва ги кажа воведните зборови и го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.