Кај покојниот е интервенирано навремено и со таа повреда на ‘рбетниот мозок не верувам дека некој ќе го спасел, сведочеше денеска Александар Станков од Судска медицина
Нагмечувањето на големиот мозок и повредата на почетниот дел на ‘рбетниот мозок биле клучните со кои се здобил хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје во раните утрински часови на 7 април. Меѓутоа, фатална била повредата на ‘рбетниот мозок која била предизвикана од ударите.
Ова може да се заклучи од вештачењата и обдукцијата што биле направени на телото на Тот по неговата смрт која настана на 8 април годинава за кои денеска во судница сведочеа докторите од Судска медицина, Александар Станков, кој е и директор на овој институт и докторката Рената Јанкова.
За убиството на Тот се обвинети три лица: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19). Тие денеска во судница ги слушаа сведочењата на вештаците кон кои прашања упатуваа обвинителката Тања Трајчевска и нивните адвокати.
„Нагмечувањето на мозочното ткиво претставуваат контраповреди кои настанале поради дејствување на сила во пределот на главата, а тоа се случило при пад. Повредата на почетниот дел од ‘рбетниот мозок е настаната поради ротационите движења предизвикани од ударите во пределот на главата”,
рече Станков одговарајќи на прашањето како биле нанесени овие повреди.
Ако се исклучи повредата на ‘рбетниот мозок, како што сведочеше Станков, Тот би има многу поголеми шанси да преживее.
Одговарајќи на прашањето дали побрза лекарска интервенција би имала значење за здравствената состојба на Тот, директорот на Судска медицина, кој е потписник на извештајот, рече дека со таква повреда на ‘рбетниот мозок тешко кој би го спасил.
„Кај покојниот е интервенирано навремено и со таа повреда на рбетниот мозок не верувам дека некој ќе го спасел. Има повреди и на големиот мозок, како поради повредите така и поради престанок на работата на срцето во еден момент и престанок на дишењето”,
рече Станков.
Сведокот Јанкова во дел од сведочењето зборуваше детално за повредите и конкретно за нагмечувањата на големиот мозок, како што раскажа, ако се анализираат посебно, не мора да доведат до смртен исход, бидејќи не се масивни и во делот каде што има витални функции.
„Во конкретниот случај повеќе фактори влијаеле врз настанување на смртниот исход, а овие повреди не може да се исклучат дека не придонеле, но не се причина за смртниот исход”,
рече Јанкова.
И, според неа, фатална е повредата на почетниот дел до ‘рбетниот мозок. И таа како и Станков, тврдеше дека тоа е настанато од ударите кои ги добил Тот од тројцата обвинети, а не од падот.
„Повредата од почетниот дел од ‘рбетниот мозок, како што е наведено, настанала со директно дејство на тапа, тврда сила што довело до ротација на главата и вратот, иако ваква повреда може да настане и од пад. Но, во конкретниот случај повредата настанала со удар. Зошто ја исклучуваме можноста да настанала со пад? Поради преносот на сила. Падот е во бочната регија, не е, на пример, пад во повисокиот дел од главата. Имаше и крвна подвиеност во десната страна на темелната регија што беше повисоко во таа регија”,
рече докторката што ја правела обдукцијата.
Покрај овие, таа на почетокот на сведочењето ги наведе и другите повреди со кои се здобил хрватскиот ракометар, како што е скршеница на десната страна на носот и повреда на левата страна на градниот кош.
На прашањата на одбраната околу тоа дали Тот бил во алкохолизирана состојба, односно зошто не е констатирано присуство на етил алкохол кај него, Јанкова наведе дека кога тие ја правеле обдукцијата веќе поминал периодот кога тоа можело да се покаже во резултатите.
„Во крвта не е констатиран етил алкохол. Тоа е во моментов кога е земена крв, но од настанот до настапувањето на смртта поминале повеќе од 24 часа, период во кој е завршено отстранувањето на етил алкохолот ако бил присутен, односно доколку лицето конзумирало. Во тој дел немаме никакво сознание”,
рече Јанкова.
На дополнителните прашања таа посочи дека, теоретски, би можел и алкохолот да влијае на состојбата, меѓутоа за такво нешто нема докази.
„Теоретски може да постои некое придонесувачко дејство, меѓутоа ние немаме наод на интоксикација или нешто поврзано со тоа. Но, добро би било да бил испитан етил алкохол”,
рече докторката.
Во однос на други супстанции, пак, кажа дека такво нешто не е констатирано ниту при испитувањето на урината за време на клиничкиот третирање додека Тот уште бил жив.
Други вештаци треба да сведочат на наредното рочиште, а потоа се очекува во текот на судскиот процес да се гледаат и видеоснимките од безбедносните камери.
На минатото рочиште во судница дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.
Пред неговото сведочење, пак, воведни зборови дадоа тројцата обвинети. Во кратките излагања пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, прва ги кажа воведните зборови и го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.