Денеска очекуваме само конечно да се дознае вистината. Очекуваме да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна, рече таткото на Денис Тот во сведочењето пред судот во Скопје
Денот кога се случи тоа ни застана животот. Дотогаш имавме совршен живот. Вака таткото на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, Игор, го започна своето сведочење одговарајќи на прашањето како се чувствува денеска семејството откако нивниот син почина по ударите со кои се здоби пред ноќен клуб во Скопје на 7 април годинава.
Игор Тот денеска дојде во Скопје за да сведочи на судско рочиште во предметот за убиството на неговиот син за што се гонат тројца обвинети: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
Денис Тот беше ракометар на клубот Бутел од Скопје, а ако беше тука, рече таткото, денеска попладне ќе играше натпревар со Вардар.
„Да е сè во ред, денеска би играл попладне на натпреварот Бутел – Вардар. Македонија ја обожаваше, имаше понуда да оди во странство, не сакаше”,
рече неговиот татко.
По смртта на синот, како што рече таткото во емотивното сведочење, повеќе време поминуваат на лекар и на гробот на Денис отколку што работат.
„Во овој момент ни е многу тешко. И на сопругата, и мене, и на братот кој игра ракомет во Холандија, не ни е лесно. Денес очекуваме само конечно да се дознае вистината. Очекуваме да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна”,
рече таткото.
Претходно, обвинети и нивните адвокати дадоа воведни зборови. Тие кажаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа што се случи, а нивните адвокати настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, на минатото рочиште ги даде своите воведни зборови во кои го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.