На собирот пред „Борис Трајковски“, каде што Јаневски го одржа својот последен солистички концерт во февруари годинава, присутни се стотици граѓани. Дел од нив држат запалени свеќи во рацете. Присутните направија и ѕвездено небо додека сите заедно ја пееја познатата „Некогаш и негде“
Платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје вечерва е збирното место на кое граѓани се собираат за да му оддадат последна почит на легендарниот македонски пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски, кој почина во неделата на 66-годишна возраст.

На собирот пред „Борис Трајковски“, каде што Јаневски го одржа својот последен солистички концерт во февруари годинава, присутни се стотици граѓани. Дел од нив држат запалени свеќи во рацете. Присутните направија и ѕвездено небо додека сите заедно ја пееја познатата „Некогаш и негде“.
Помеѓу присутните има колеги, обожаватели и граѓани од различни генерации кои се збогуваат со Јаневски. Во публиката се и раперот Марко Маринковиќ – Слаткаристика, а присутен е и српскиот рок-музичар и глумец Ѓорѓе Николиќ, познат под уметничкото име Ѓорѓе Давид.


На комеморативниот настан пред платото на СЦ „Борис Трајковски“ се обрати водителот Марко Марк, кој не штедеше зборови за Јаневски.
„Јаневски беше исклучителен талент со префинет музички вкус и со еден дистинктивен редок авторски сензибилитет. Создаваше песни што не припаѓаат само на едно време. Припаѓаат на секој што некојпат сака, сакал, чекал, чека, сонувал сонува и верувал верува. Тој беше еден од најавтентичните гласови на македонската поп-музика. Од првите чекори, преку историскиот настап како прв претставник на независна Македонија на Евровизија, па сè до последните концерти остана доследен на себе – достоинствен, ненаметлив и секогаш искрен“,
порача водителот.
Пред присутните се обрати и Влатко Плевнеш – долгогодишен музичар и член бендот на Владо Јаневски, како и Стево Чепишевски, кој исто така соработуваше со пејачот.

Владо Јаневски почина во неделата по кусо боледување.
Својот последен голем концерт го одржа на 14 февруари годинава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а негов солистички концерт беше најавуван и за 7 август на Античкиот театар во Охрид.
