Последниот голем концерт Владо Јаневски го одржа на 14 февруари годинава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а негов солистички концерт беше најавуван и за 7 август на Античкиот театар во Охрид
По кусо боледување, денеска во Скопје почина македонскиот поп-пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски. Информацијата за дел од медиумите ја потврдуваат соработници на пејачот.

Последниот голем концерт Владо Јаневски го одржа на 14 февруари годинава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а негов солистички концерт беше најавуван и за 7 август на Античкиот театар во Охрид.
Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје. Пред соло-кариерата беше член на групите „Тост сендвич“, „Бон-Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Својата солистичка кариера ја започнува во 1990-ите години. Има издадено шест студиски албуми и големи хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“ итн.
Има учествувано на многу домашни и странски фестивали, а во 1998 година стана првиот официјален претставник на Македонија на изборот за песна на „Евровизија“ во Бирмингем, каде што настапи со песната „Не зори, зоро“.
