Според канадскиот премиер, преговорите со Вашингтон остануваат негов приоритет, но нивниот исход ќе определи дали Отава ќе бара алтернативи што вклучуваат европски, кинески или јапонски производители во рамките на автомобилската индустрија
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека неговата земја би можела да се сврти кон кинеските производители на автомобили доколку трговските преговори со американскиот претседател Доналд Трамп не успеат да ја зачуваат интегрираната северноамериканска автомобилска индустрија, пренесува „Гардијан“.

Според британскиот весник, Карни овие пораки ги испратил денеска за време на престојот во Камбоџа, а во пресрет на планираната средба со кинескиот лидер Си Ѓинпинг оваа недела во Шенжен, Кина, каде што се очекува да се разговара токму за автомобилското производство. Двајцата лидери уште во јануари постигнаа договор со кој се овозможи увоз на десетици илјади кинески електрични возила во Канада со намалени царини.
„Ги имаме најдобрите автомобилски работници во светот и сакаме тие да бидат целосно ангажирани, со полни можности, на интегриран северноамерикански пазар“,
изјави Карни пред новинарите во Камбоџа, додавајќи дека тој пазар станал помалку интегриран поради трговските мерки на САД.
Според канадскиот премиер, преговорите со Вашингтон остануваат негов приоритет, но нивниот исход ќе определи дали Отава ќе бара алтернативи што вклучуваат европски, кинески или јапонски производители. Еден ден претходно, во Манила на Филипините, тој порача дека секој трговски договор со САД мора да ѝ остави на Канада одржлива автомобилска индустрија.
На новинарско прашање дали потенцијалните кинески инвестиции се користат како адут во преговорите со САД, Карни одговори дека станува збор за „акција и реакција, а не за притисок“.
„Доколку канадските автомобилски работници не се целосно искористени во северноамерикански контекст, тоа отвора други можности. Канада ќе продолжи напред во секој случај“,
нагласи Карни.
Услови за кинеските инвестиции и јануарскиот договор
Американската „голема тројка“ производители на автомобили – „Форд“ (Ford), „Џенерал моторс“ (General Motors) и „Стелантис“ (Stellantis) – имаат фабрики низ Канада, САД и Мексико, при што деловите понекогаш ги преминуваат границите повеќепати пред да се комплетира едно возило. Сепак, Трамп постојано врши притисок врз производителите да го префрлат производството од Канада во САД, а неговите царини сериозно ја нарушија канадската индустрија. Неодамна Канада се закани и со тужба против „Стелантис“ откако компанијата го префрли планираното производство на моделот „џип омпас“ (Jeep Compass) од Брамптон, Онтарио, во Илиноис и се согласи да ја продаде својата неактивна канадска фабрика.
Карни прецизираше дека секоја евентуална кинеска инвестиција би морала да вклучува суштинско производство во Канада, а не само склопување на увезени делови. Тоа, според него, подразбира соодветни работнички стандарди, производствени капацитети и домашни синџири на снабдување кои со текот на времето ќе се прошируваат, вклучително и користење на канадски критични минерали за електрични возила.
„Не станува збор само за склопување готови комплети. Мора да има производствен аспект“,
истакна тој.
Согласно договорот од јануари, Канада ја намали царината за кинески електрични возила од 100 на 6,1 отсто, дозволувајќи првичен увоз до 49 000 возила годишно, со можност за зголемување на квотата. За возврат, Кина се согласи да ги намали царините за канадските земјоделски производи, вклучително и маслодајната репка.
Критики од Онтарио
Иако Карни оцени дека договорот со Пекинг ќе привлече инвестиции и ќе отвори работни места, ваквиот потег наиде на остри критики од премиерот на Онтарио, Даг Форд, чија провинција е центар на канадската автомобилска индустрија. Форд предупреди дека дозволувањето влез на кинески електрични возила во земјата може да ги загрози работните места на Канаѓаните и да го доведе во прашање пристапот до американскиот пазар.
Во меѓувреме, Карни во саботата информираше дека имал опширни разговори со Трамп и со високи американски функционери и дека двете земји постигнуваат напредок кон можен трговски договор, иако сè уште постојат разлики.
