Познаници, пријатели, колеги, но и политичари од вчера, со објави на социјалните мрежи, се простуваат од Владо Јаневски

„Збогум Владо… Понекогаш зборовите не се доволни. А понекогаш се излишни“, „Владе мој, збогум со мојата најомилена песна од тебе… и никогаш нема да те заборавам…“, „Шепни му на малиот горе дека нема веќе полско цвеќе… ќе фалиш“. Ова се само дел од објавите на социјалните мрежи што од вчера ги објавуваат познаниците, пријателите и колегите на Владо Јаневски кои се простуваат од пејачот.
Дел од неговите колеги објавуваат стари фотографии со Јаневски и се присетуваат на некоја забава од која подоцна излегол некој хит.
„Е тука си правевме планови, кај нас дома, во Чаир, на мојот 24-ти роденден. Ти ми кажа дека имаш хит песна за мене. И така бидна Мачо“,
се присетува Ребека објавувајќи стара фотографија од Владо Јаневски.
Актерката Весна Петрушевска цитирајќи го Достоевски се простува од Јаневски.
„Тогаш некоја темна, необјаснива сила ме извади од гробот. Не знаев кој или што е тоа. Не зборуваше, но јас го следев без отпор. Патувавме низ бескрајниот космос. Ѕвездите светеа околу нас, а Земјата исчезна зад нас. По долго патување, далеку во вселената, здогледав друга планета. Личеше на Земјата, но беше поубава, посветла и исполнета со мир. Кога се доближив, видов луѓе. Тие беа прекрасни.
Достоевски.. Знам дека го сакаше ….не знам што да кажам, ќе фалиш……“,
пишува Петрушевска.
Пејачот Дарио Панковски, потсетувајќи се на годините поминати на сцена, за Јаневски вели „некогаш се сложувавме, понекогаш и не, но исклучително многу се почитувавме како блиски колеги“.
„Ти мене Панковски, јас тебе Јаневски, така си се обраќавме кога ќе се видевме, к’о бајаги официјално, а у ствари со многу скриена близина и топлина. Ова беше пребрзо, шокантно, трагично и некако…нестварно. Нека Ти е вечна слава мој Јаневски, многу ми е жал, многу“,
пишува Дарио.
И Тијана Дапчевиќ сподели дека е скршена од болка по информацијата за смртта на Владо Јаневски.
„Другарче мое… мирно патувај кон вечноста. Многу ќе ѝ недостасуваш на твоја ‘Тијанисимо’… ме искрши“,
пишува таа.
Освен колегите музичари, од Владо Јаневски се простуваат и дел од политичарите.
Актуелниот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски вели дека замина човекот со чиј глас, енергија и песни пораснаа цели генерации.
„Човек кој беше дел од нашите спомени, од нашите младости, од нашите радости и таги. Замина голем човек, кој со еден збор ми ги отстапи правата на неповторливиот хит ‘Ова е само наше Скопје’ – песна која заедно со Пајак и 2Бона ја преработија, доби нов живот и стана химна на мојата кампања. Тоа никогаш нема да го заборавам“,
пишува Ѓорѓиевски.
Поранешниот дополнителен заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, вели дека Владо Јаневски остави неизбришлива трага во македонската музика и засекогаш ќе остане дел од нашата културна меморија.
Глас кој беше дел од нашето детство, нашата младост и нашите спомени. ’Не зори зоро’, ’Дома си е дома’, ’Еден бакнеж’… песни кои остануваат и се пеат со истата емоција низ генерациите“,
пишува тој.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Драган Ковачки, вели „си замина глас со којшто растевме“.
„Песните на Владо Јаневски беа дел од најубавите спомени. Во негова чест, последен поздрав со ‘Земјо македонска’ која ја пееше со душа, со енергија и емоција“,
додава Ковачки.
Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник од СДСМ, Оливер Спасовски, вели дека Македонија загуби истакнат уметник, човек чиј глас и музика оставија неизбришлива трага во македонската култура и во срцата на многу генерации.
„Во овие тешки моменти упатувам искрено сочувство до неговото семејство, најблиските, пријателите и до сите кои го сакаа и почитуваа. Нека почива во мир, а неговите песни и неговото дело нека останат траен дел од македонското културно наследство и спомен што ќе живее низ генерациите“,
додава Спасовски.
Владо Јаневски почина вчера на 66-годишна возраст.
Последниот голем концерт Владо Јаневски го одржа на 14 февруари годинава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а негов солистички концерт беше најавуван и за 7 август на Античкиот театар во Охрид.
