Шефот на полицијата Скендер Хита потврди дека се употребени гумени куршуми и ја оправда нивната употреба, велејќи дека се користат на ограничен начин, како и дека се сертифицирани и во согласност со стандардите што се применуваат во земјите на ЕУ
Полицијата во Албанија денеска првпат употреби гумени куршуми од почетокот на антивладините протести во Тирана кои се интензивираат и стануваат сè понасилни. Протестите денеска влегоа во својот петти ден, а сè повеќе граѓани се приклучуваат на движењето кое сака да го прекине 13-годишното владеење на премиерот Еди Рама.

Демонстрантите фрлаат камења, молотови коктели и петарди врз полицијата во близина на канцеларијата на Рама и на други места во центарот на Тирана. Се палат автомобили и корпи за ѓубре. За време на денешниот протест пријавен е и пожар во Високиот суд во Тирана, а штети се пријавени и на влезот на Банката на Албанија.
Полицијата одговори со солзавец, водени топови и палки, а првпат употреби и гумени куршуми.
Шефот на полицијата Скендер Хита денеска на прес-конференција потврди дека се употребени гумени куршуми и ја оправда нивната употреба, велејќи дека се користат на ограничен начин, како и дека се сертифицирани и во согласност со стандардите што се применуваат во земјите на Европската Унија.
Од почетокот на немирите во Албанија, кои освен во Тирана се случуваат и во други градови, се повредени вкупно 207 лица, од кои 58 демонстранти, 132 полицајци и 17 случајни минувачи.
Албанскиот премиер Еди Рама одби да поднесе оставка и ја обвини опозицијата за поттикнување на протестите.
