Анкара го користи терминот „неутрализиран“ за убиени или заробени милитанти. Операцијата е насочена кон Единиците за заштита на народот (ЈПГ) и забранетата Курдска работничка партија (ПКК)
Турција објави дека повеќе од 300 курдски милитанти се „неутрализирани“ во офанзивата започната во неделата во северна Сирија и северен Ирак.
„Операцијата ‘Канџа-меч’ е во тек со одмазднички воздушни напади и возила за копнена поддршка. Досега се неутрализирани 326 терористи“,
изјави министерот за одбрана Хулуси Акар, јавува државната новинска агенција Анадолу.
Анкара го користи терминот „неутрализиран“ за убиени или заробени милитанти. Операцијата е насочена кон Единиците за заштита на народот (ЈПГ) и забранетата Курдска работничка партија (ПКК).
Операцијата уследи една недела по бомбашкиот напад во Истанбул во кој загинаа шест лица, а беа ранети повеќе од 80. Анкара ги обвинува ЈПГ и ПКК за нападот, но и двете групи ги отфрлаат обвинувањата.
Во меѓувреме, Анкара ги негираше информациите дека во турските напади е погодена област во близина на американската база во Сирија.
„Не доаѓа предвид да им наштетиме на коалициските сили или на цивилите“,
рече министерот.
Вашингтон ја поддржува ЈПГ во борбата против милитантите на „Исламската држава“. Тој предупреди дека турската офанзива може да ги загрози тие напори.